Перфектен старт на Русија

Во првиот настап на Европското првенство во Полска и Украина, селекцијата на Русија забележа убедлива победа од 4:1 во дуелот против Чешка. По овој триумф, но пред се според прикажаната игра во деведесетте минути на теренот во Вроцлав, избраниците на селекторот, Дик Адвокат потврдуваат дека со право се вбројуваат меѓу главните фаворити во групата А, но и дека се меѓу најсериозните кандидати за највисок пласман.

Русија и Чешка одиграа извонреден меч во кој сепак далеку подобар противник беше тимот на Адвокат, кој според шансите кои ги имаше во текот на натпреварот можеше да забележи и поубедлива победа.
Чесите само на периоди беа рамноправен или за нијанса подобар противник, а тоа се случуваше во првите десетина минути од првото и второто полувреме.

Серијата голови ја отвори Алан Ѕагоев во 15-тата минута, а девет минути подоцна Роман Широков зголеми на 2:0. Во првото полувреме Русите беа константна опасност по голот на Петр Чех, по секоја нивна акција која одеше кон противничкиот шеснаесетник се креираше шанса за погодок, но сепак на крајот од првите 45 минути се замина со водство од 2:0.


Како и на почетокот од мечот, така и во второто полувреме Чесите играа за нијанса подобро од противникот и токму во овој период го постигнаа единствениот гол. Во 52-та минута, Вацлав Пилар по додавањето на Плашил успеа да го мине голманот Малафеев и да ја преполови предноста на противникот.

Чесите имаа уште по некој срамежлив обид да се затресе мрежата на Русите, а на спротивната страна серија промашувања на Кержаков, кој на крајот мораше да се пресели во соблекувалната, а неговото место го зазема, Роман Пављученко.

Токму тој беше човекот, кој беше креатор на двата гола за Русија. Во првата ситуација во 79-тата минута му асистираше на Ѕагоев за водство од 3:1, а три минути подоцна и Пављученко се запиша во листата на стрелците за конечни 4:1.

Русија потврди дека е главен фаворит за првото место со овој пораз Чесите ги намалуваат шансите за пласман во вториот круг, но сепак до крајот на правата фаза има уште два меча и лошиот впечаток на стартот може да се коригира.

8 јуни 2012 - 22:53