На рангирањето на Институтот за статистика на фудбалски тренери, моментално најдобар тренер на светот е Пеп Гвардиола од Барселона со 19.647 поени, а зад него е Жозе Мурињо од Реал Мадрид со 16.490 поени.
На третата позиција е менаџерот на Манчестер Јунајтед, Алекс Фергусон, следат Манчини од Манчестер Сити, Хјнкес од Баерн Минхен и Арсен Венгер од Арсенал.
Помеѓу најдобрите 10 се најдоа и Емери од Валенсија, поранешниот менаџер на Челси и Порто, Вилаш Боаш, Биелса од Атлетик Билбао и менаџерот на Тотенхем, Реднап.
До минатата недела помеѓу првите 10 беше и тренерот на Милан, Масимилиано Алегри, но тој сега падна на 11-та позиција.
Рангирањето е базирано на резултатите кои се остварени во изминатата година, односно годишно тие анализираат околу 12.000 натпревари.
Тренерите добиваат поени во зависност од резултатите кои ги остваруваат во своите домашни првенства и на интернационалните клупски натпреварувања.
Ѓоко Хаџиевски е најдобар Македонец
Рангирањето на Институтот за статистика на фудбалски тренери кој е формиран во 2010-та година во Холандија, ги опфаќа само 40-те најсилни првенства во светот и интернационалните клупски првенства.
За жал македонското првенство е далеку од најдобрите 40 во светот, па на ова рангирање има само 5 македонски тренери.
Најдобро рангиран наш тренер е Ѓоко Хаџиевски кој моментално работи во Саудиска Арабија. Тој се наоѓа на 486-та позиција со 1128 поени.
Останатите четворица Македонци повеќе не се на своите работни места каде што и ги заработија поените за ова рангирање. На 781-та позиција е Драган Канатларовски (Локомотив Пловдив), четири позиции подолу е Горан Петрески (Работнички), на 1083-та позиција е Чеде Јаневски (Етникос Ахна, Кипар), а на 1231-та позција е Жикица Тасевски (Металург).