По завршувањето на најнеуспешниот квалификацискиот циклус за Мундијалот во Бразил на кој Македонија заврши на последното место на табелата, нашиот најдобар фудбалер во интервју за „Македонски спорт“ го најави повлекувањето од репрезентацијата, но сега тоа го стори и со официјален допис до ФФМ кој стои на нивниот веб сајт.
На 14 ноември 2014 година, Фудбалската федерација на Македонија доби допис од г. Горан Пандев во кој се наведува дека тој решил „неповратно да се пензионира" од националниот тим. Како причини за ваквата одлука ги наведува заморот од континуираните натпревари и желбата да направи место за нови играчи. Едновремено, се заблагодарува што му била дадена честа да го носи нацоналниот дрес и се надева дека ќе може да соработува со ФФМ во иднина со цел да им го пренесе своето искуство на новите генерации фудбалери.
Во врска со дописот, ФФМ се обиде да стапи во директен телефонски контакт со Горан Пандев со цел уште еднаш да го афирмира ставот што претходно беше соопштен и во јавноста.
Горан Пандев е фудбалер со извонредни квалитети. Како долгогодишен капитен на македонската фудбалска репрезентација, тој е лидер и пример за помладите репрезентативци. ФФМ сака да верува дека одлуката на Горан Пандев не е конечна и дека тој и понатаму ќе го носи националниот дрес, особено доколку новиот селектор, кој треба да биде избран наскоро, процени дека учеството на Пандев е неопходно за градење на нов, победнички дух. Се надеваме дека и Пандев и другите македонски интернационални играчи позитивно ќе одговорат на секој повик од новиот селектор и дека ќе го дадат својот максимален придонес во еден нов циклус на напори за успех на фудбалската репрезентација и за афирмација на Република Македонија - стои во соопштението на Фудбалската федерација на Македонија.