Пандев: Најдобрите партии во кариерата ги одиграв во Лацио, сакав да заминам на поинаков начин

Горан Пандев во Италија ужива целосен респект. А и како да биде поинаку кога заборуваме за легенда со 493 натпревари во Серија А и 101 гол или втор странец по број на настапи во историјата. Плус уште вкупно 100 меча во национални и меѓународни Купови.

Да не ги заборавиме и деветте трофеи. Тоти нема толку. Сезонава беше редовен ВИП гостин на натпреварите на Интер во ЛШ, а овој пат за интервју го побараа од Рим, поточно од Радио Лацијале за кое имаше 35 минутен подкаст.

Го вратија во неговите најубави играчки години (2004-2009), кога и даде голчиште на Рома уште во 4 минута, два на Реал Мадрид и кога го играше најдобриот фудбал во Лацио под водство на Делио Роси, нешто што често го споменува во интерјува, како и во ова.

Дали би сакал да работиш како тренер?

Искрено, не. Никогаш не ми се допадна таа професија. Тренерот со кој најдобро се согласував? Сум имал многу тренери, но Делио Роси ми беше како татко, ми помогна да пораснам и треба само да му се заблагодарам. Потоа го имав Мурињо со кој освоивме тројна круна, но јас добро се согласував со сите. Бев тивок тип, сакав само да играм.

За триото Роки, Зарате и Пандев

Ми се допаѓаше да играм како втор напаѓач, иако со Делио Роси играв како крилен напаѓач. Секогаш ќе му бидам благодарен. Со Роки добро се познававме и игравме на памет, беше неверојатно. Бевме одличен пар, а потоа кога дојде Мауро ни даде квалитет, беше многу силен еден на еден.

Момент кој ќе го паметиш со Лацио?

Кога победивме 4:2 против Рома, голот во 4 минута, двата гола против Реал Мадрид, финалето во Купот на Италија против Сампдорија, мојот прв трофеј.

Да бидам искрен, најдобрите партии што ги одиграв беа со дресот на Лацио, кои никогаш повеќе не ги повторив. Бев многу мотивиран. Ако погледнете во историјата, таму поминале многу шампиони и кога го носите тој дрес е нешто неверојатно.

Соиграч со кој се поврза најмногу?

Ледесма, Коларов...Игли? Па да и со Игли имав добар однос. Имавме добар состав, иако имаше посилни тимови, сепак бевме многу силна екипа и поради тоа имавме и одлични резултати.

Многу ми е жал што заминав, лошо се чувствував за тоа што се случи. Сакав да заминам на поинаков начин. Но мирен сум по тоа прашање, бидејќи дадов сè за тој дрес и мислам дека се однесував добро.

Лотито?

Имавме добро утро и добра вечер, често го гледав на Олимпико, секогаш се поздравувавме. Со Таре имав добар однос, со сите. Сепак поминав речиси шест години во Лацио.

Клосе?

Вонсериски играч, кој освои сè. Се знаеше дека е шампион, врвен стрелец и мислам дека многу се забавуваше во Лацио. Пар со Клосе? Би било убаво да се игра со таков играч.

Дали би уживале играјќи во денешниот Лацио? На местото на Диа?

Ми се допаѓа како игра Лацио денес. Тие што играа напред се брзи и опасни. Би било убаво да се игра зад Кастеланос, бидејќи ти гради простор, а исто крилните играчи се опасни.

Кастеланос и Имобиле?

Тие се дваја различни играчи. Тати игра повеќе за тимот, игра многу во длабочина, ме изненади. Имобиле испиша историја, ништо не може да се каже за него, самата кариерата зборува. Во последните години Лацио работи навистина добро, наоѓа играчи кои се корисни за нивниот начин на игра. Во Европа се луди.

Барони? 

Сето тоа е благодарение на него. Силен тренер. Ми се допаѓаше уште кога беше во Верона.

Најсилниот играч со кој си играл?

Имав среќа да играм со многу шампиони, како Роки, Игуаин, Кавани, Милито, Ето, кој е можеби најсилен.

За тековното првенство

Три од четирите мои тимови се на горниот дел од табелата. Скудетото? Според мене оваа година е забавно првенство за нас кои го следиме однадвор. Интер е најсилниот тим, имаат широка клупа, а другата страна имате победник како Конте кој цели на титула. Потоа имате екипи од позадина како Лацио, Јуве, Аталанта, па и Фиорентина која создава проблеми. Лацио може да победи секого ако го има вистинскиот ден. На Аталанта и оди многу добро во последните години. Гасперини покажа дека е одличен тренер.

Виа

Пандев: „На Елмас му е подобро во Серија А отколку во Бундеслига“

12 февруари 2025 - 11:36