Горан Пандев синоќа требаше да се појави со капитенската лента на Градски и да се бори против Косово, како претпоследна пречка за пласман на ЕП 2020. Но тоа стана 2021 и веќе има најави дека за да може да игра ќе ја одложи пензијата и ќе потпише уште еден едногодишен договор со Џенова.
Но на Пандев не му е дојдено до фудбал и за тв Сител ја опишува ситуацијата во Италија за која вели дека е многу тажна, бидејќи секој ден умираат луѓе. Затоа апелира да не ги повториме грешките на Италијанците кои доцна се свестиле за сериозноста на вирусот.
Во карантин е веќе 17 дена и вели дека брзо му поминува времето по дома, бидејќи живот со три деца е повеќе од тренинг. Имаат цела агенда за денот и плус никогаш во живот нема изгледано толку филмови.
За ситуацијата во Џенова:
„Во Лигурија има повеќе од 1.000 заболени, но не е како во Ломбардија (Бреша и Беграмо), таму ситуацијата е критична и секој ден умираат луѓе. Овде во Џенова сега за сега добро се справуваат со вирусот. Седиме дома, а надвор има само полиција и амбулантни возила, како да сме во хорор филм“.
Каде погрешија во Италија:
„Луѓето во Италија на почеток не ја сфатија работата сериозно и кога ги воспоставија првите мерки дека не треба да се излегува од дома, некои уште се шетаа во парк, спортуваа, трчаа и мислам дека тоа им беше најголема грешка. Се надевам тоа нема да се случи и во Македонија, бидејќи како што видов и од тоа што комуницирам со мојата фамилија, мерките почнаа многу порано и се надевам дека ќе ги почитуваат бидејќи ова е вирус што многу брзо се шири и треба навистина да внимаваме, не само за нас, туку и за постарите на кои треба да им помогнеме. Тука е лоша ситуацијата и Италијанците не можат да се справат со тоа. Почна и во Милано многу да се шири“.
За клубот и грешките на Серија А:
„Од нашата екипа нема ниту еден заразен, а ние на 8 март игравме против Милан на гости во Милано, односно во црвената зона. Мислам дека тој меч, како и многу други како што беше Сампдорија – Верона, беа најголема грешка што дозволија да ги одиграме, без разлика што беа без публика. Има доста заболени играчи, кај нас секој ден доаѓа докторот да ни мери температура и да не прегледува. Ние нашиот карантин од 14 дена го поминавме бидејќи од 10 март сме дома и нашите резултати се негативни“.
Дали ќе го продолжи договорот:
„Да бидам најискрен сега на никој не му е дојдено до фудбал и сигурно дека ќе има време и за тоа. Прво се надевам дека ова зло побрзо ќе помине и ќе се вратиме во нормала. Во контакт сме со сите играчи, со тренерот и со управата, зборувавме и за тоа, но прво нека помине оваа ситуација, бидејќи тука секој ден умираат луѓе и сликата е тажна“.
Што прави дома:
„На мене и Надица никогаш не ни е досадно дома, бидејќи со три деца тоа е повеќе од тренинг. Филипо и Ана имаат секое сабајле он лајн часови, учат, ние со најмалата играме, потоа ручаме, тренираме. Инаку кога стануваме вежбаме сите заедно, гледаме филмови, седиме на интернет, се слушаме со фамилиите и со пријателите во Македонија. Изгледав еден куп серии и никој пат толку филмови не сум гледал во мојот живот. Сега имам повеќе време за со децата, бидејќи со кариерата немав толку време, така што ова е шанса да бидам повеќе со нив. И на нив им е чудно бидејќи не се навикнати толку со мене дома, но супер се забавуваме и времето брзо ни поминува“.