Гаспаре Галасо е навивач на Палермо и можеби единствен меѓу 71,942-те гледачи кој викендов успеа да влезе на диво и да го гледа финалето од Лигата на шампиони меѓу Реал и Атлетико без карта.
Тој не направи балканска финта од типот дека вратарот му е прв братучед и поради тоа непречен од никого има право да влезе без пари, туку се маскираше во член на обезбедувањето и мртов ладен се појави на стадион.
„Кога прочитав во весниците дека мечот ќе биде екстра обезбдуван си реков, да така ќе биде за сите, но не и за царот за вакви работи. Пристигнав во Милано дента кога се играше мечот, облеков елегантен костум и се приближив накај Сан Сиро. Во официјалната продавница за сувенири од ЛШ купив врвца за на врат на која пишуваше Лига на шампиони, како и пластичен беџ, идентичен како оној што го носат безбедносните служби кои се грижат за финалето. На 2 часа до стартот на натпреварот решив да се обидам да влезам без билет и тргнав на влезот наменет за полицијата и персоналот на стадионот. Редарите ми побараа карта, но поради мојата елегантна облека, беџот кој инаку ми беше малку сокриен внатре и тонот на кој им се обратив, ме пуштија без проблем“, раскажува Италијанецот кој успеа и да го сними моментот кога влезе.
Но тоа не е сè од Галасо. На крајот од мечот замина на прослава со победниците.
А најде време и за сликање со познати фаци.
На Галасо испадна дека ова не му е прво вакво искуство. Во 2012-та беше “соиграч“ на Пандев кога Наполи славеше во италијанскиот Куп против Јувентус на Олимпико во Рим.
Следен предизвик?
„Успеав да направам малку муабет со Хамес Родригез и Данило ми беше многу мерак што направив селфи со Флорентино Перез и Серхио Рамос. Ако најдам спонзор би било убаво да се обидам ова да го направам и на финалето на Светското клупско првенство во Јапонија. Можеби Реал ќе ме земе како маскота на клубот“.