
Историјата на Лутон е како бајка: пред 9 години овој клуб играл во таканаречената Национална лига (5-та лига во пирамидата на англискиот фудбал), аматерско првенство составено претежно од мали, селски екипи.
Од 2014-та година започнува неверојатниот подем на Лутон Таун: прво влегуваат во Лига 2 (четврта лига), во 2018-та се избориле за Лига 1 (трета лига), во 2019-та славеле пласман во Чемпионшип (втора лига), а сега Лутон Таун викендов се избори за елитната Премиер лига.
За волку кратка дистанца само една екипа во историјата влегла во Премиер лига - Вимблдон од 1977-ма до 1986-та година.
Оваа бајка има и уште една прекрасна страница: цел овој пат од полу-аматерска лига до Премиер го поминал и фудбалерот од среден ред Пели Радок-Мпанзу. Тој е прв играч во историјата кој од петта лига до Премиер стигнал со иста екипа.
ИМА ЕДЕН НАСТАП ЗА ВЕСТ ХЕМ КАКО СТОПЕР, ДОБИЛ ПОФАЛБИ И ОД АЛАРДАЈС
Во октомври 2013-та година Мпанза почнал од старт во првиот тим на Вест Хем на меч со Барнли (2:0). Го одиграл цел натпревар во средина од одбраната како стопер и „чеканите“ обезбедиле четврфинале на Лига Купот.
Тогашниот менаџер на Вест Хем, Сем Алардајс (сега испаѓа со Лидс Јунајтед во Чемпионшип) го пофалил 19-годишниот стопер: „Ова беше нивна голема шанса. Три играчи, сите одбранбени, Пели Радок-Мпанзу, Ден Потс и Лео Чемберс. Сите може да бидат многу горди на себе“.
Но никој од таа тројка не останал стандарден на највисоко ниво. Мпанзу веќе никогаш не заиграл за Вест Хем Јунајтед. Веќе следниот месец го пратиле во Лутон Таун на позајмица, а после два месеци во 2014-та го продале. Не била откриена сумата за која отишол во Лутон но се претпоставува дека е нешто скромно.
Интересно во 2015-та во Лутон дошол и споменатиот Ден Потс кој заедно со Мпанзу играл еден меч за Вест Хем. Двајцата сега имаат по 29 години, а и двајцата беа дел од историското финале на „Вембли“. Мпанзу беше заменет во судиско продолжение, а Ден Потс влезе од клупата во продолженијата.
Нивната судбина не ја делел и третиот член на триото од Вест Хем. Лео Чемберс играл дури и за младинските репрезентации на Англија но поради повреди ја завршил кариерата на само 24 години во аматерскиот Кингстониан.
МПАНЗУ ИМА 400 МЕЧА ЗА ЛУТОН И СТАТУС ЛЕГЕНДА НА 29 ГОДИНИ
Во Лутон Таун Мпанзу исто почнал да игра како централен стопер но брзо го преместиле малку понапред во средниот ред како последен играч за врска. Во првата сезона тој и помогнал на екипата да влезе во четврта лига од петта. Тогаш сфатил дека одлуката да замине од Вест Хем каде не играл воопшто била добра.
Од тогаш Мпанзу станал стандарден првотимец во Лутон и имал по 40+ натпревари во Лига 1 и Лига 2 како и во Чемпионшип. Минатата сезона одиграл 37 меча во кој дал три гола и имал една асистенција.
Општата статистика вели дека Мпанзу го носел дресот на Лутон на 367 натпревари (23 гола + 34 асистенции). Уште една сезона и тој ќе влезе во Топ10 листата на играчи со најголем број натпревари во 138-годишната историја на Лутон Таун.
Тој е роден во предградие на Лондон, а благодарение на одличните игри за Лутон заработил и повик да игра за репрезентацијата на ДР Конго (во 2021-ва одиграл две пријателски).
„Имам чувство како да го свртев фудбалот! Можам да одам во пензија сега, се пошегувал Мпанзу во студиото на Скај Спортс после влезот во Премиер лига. „Ова беше големо патешествие, ние поминавме многу подеми и падови. Но на крајот најважна е вербата во себе“.
Еден од најболните порази во клупската историја бил токму плејофот во 2017-та кога Лутон Таун изгубил во големото финале за влез во Лига 1 од Блекпул. На гости изгубиле 2:3, дома воделе 3:1 но примиле два гола во 76-та и 95-та минута.
„Душевната бол од тој пораз беше неверојатна, беше тешко да се примат голови во последните минути“.
Но сега веќе тоа е минато. Мпанзу нема ниту 30 години а веќе е легенда на Лутон Таун. „Пели е култна фигура на овој клуб. Тој игра клучна улога во нашиот успех“, вели поранешниот тренер на екипата Мик Харфорд.
А оваа оценка ја дели и актуелниот тренер Роб Едвардс „Он е како мотор на колективот, срце на екипата. Пели е многу чесен дечко, многу вреден, а тоа се гледа по тоа како се поврзува со клубот се повеќе и повеќе. Тој има важно место во соблекувална и на теренот“.
Мпанзу почнал во Вест Хем, но не играл во Премиер лига туку само еднаш во Лига Купот. До елитното друштво стигнал по мошне трнлив пат и заработил статус амајлија на екипата.
„Јас ќе играм во Премиер лига. Успеавме во тоа, сега во Лутон ќе има журка цела лето“, рекол Мпанзу кого го чекаат дуели со силните Сити, Челси, Арсенал, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Тотенхем...
Бајката на Лутон - малиот клуб со скромно стадионче што влезе во Премиер лига