Бајката на Лутон - малиот клуб со скромно стадионче што влезе во Премиер лига

Во најскапиот меч на светот, финале на плејоф за Премиер лига, меч во кој за победникот следат околу 200 милиони евра, на „Вембли“ Лутон Таун на пенали го победи Ковентри и влезе во елитната и најбогата лига на светот.

Веќе неколку години по ред финалето на баражот во англиската втора лига Чемпионшип е натпревар кој на победникот во следните три години му носи астрономски 170 милиони фунти дури и ако следната сезона веднаш испадне од Премиер лига.

ЛУТОН ЌЕ ИГРА ПРВА ЛИГА ПОСЛЕ 30 ГОДИНИ, ИМААТ РАСТ СЕКОЈА ГОДИНА

Лутон Таун важи за единствениот клуб кој некогаш играл во Премиер лига, па испаднал дури до аматерска петта лига и сега повторно се враќа во елитата и најбогатото друштво на свет.

Лутон и Ковентри играа во големото финале кое заврши 1:1 по регуларен дел па на пенали славеа „портокаловите“ кои играат на домашен мошне скромен стадион од кој речиси се влегува преку куќи и дворови.

Лутон и Ковентри се многу стари клубови со повеќе од 135 години постоење и двата клуба имаат свои престои во првата англиска лига.

Развојот на Лутон низ годиниве:

Вп 2017/2018 и двата клуба играле заедно во четвртата англиска лига а сега Лутон стигна дури до Премиер.

Лутон Таун за последен пат бил во англиската прва лига, тогаш уште не Премиер во 1991-ва а испаднале веднаш истата сезона па не го дочекале формирањето на елитната Премиер лига во 1992-ра година.

За Лутон Таун, тим од градче или предградие на Лондон никогаш не играле суперѕвезди. Најпознат играч во клупската историја им бил Данецот Ларс Елструп кој во 1992-ра сензационално освоил Европско првенство со Данска.

Изминатиов викенд заврши историјата на мачење за Лутон кој во последните 30 години го допре и дното и играше во разни нисколигашки дивизии.

Од 1992-ра година по испаѓањето од првата лига на Англија, Лутон три пати менувал управа. Во 2009-та година поради финансиски нарушувања Лутон бил исфрлен од втора во четврта лига, а после испаднал дури и во аматерската петта лига. Клубот бил пред гаснење.

На пример во една од катастрофалните сезони, во 2006-та, имало и позитивен момент кој го одржал клубот на нозе. Сензационално одиграле нерешено со силниот Ливерпул пред своите навивачи, па заработиле реванш на легендарниот „Енфилд Роуд“.

Таму отпатувале околу 6.000 навивачи па клубот заработил премии, бонуси и плус пари од продадени влезници. Позитивна страна било што Лутон Таун добил и на промоција во јавноста, па стекнал и нови симпатизери кои подоцна се загреале за клубот и го помагале.

Но со поддршка од навивачите и ентузијасти, од сезоната 2012/2013 Лутон Таун секоја година завршувал се подобро од претходната. За 10 години стигнале до силниот Чемпионшип а во минатата сезона изгубиле во јакиот плејоф од Хадерсфилд.

Сега ги погледна и среќата и на пенали славеа против Ковентри во големото финале.

СКРОМНО СТАДИОНЧЕ НА КОЕ СЕГА ЌЕ ДОАЃААТ СИТИ, ЈУНАЈТЕД, ЧЕЛСИ, АРСЕНАЛ, ЛИВЕРПУЛ, ТОТЕНХЕМ

Вредноста на сите фудбалери, на целиот тим на Лутон Таун според сајтот Transfermarkt е проценета на 36 милиони евра, а клубот според буџет за плати е дури на 20-то место во втора лига Чемпионшип.

Пред 9 години играле во Национална Конференција, аматерска лига. На гостинскиот сектор на нивниот стадион „Кенилворт Роуд“ се стигнува буквално преку домови на локалните жители.

Ова стадионче „Кенилворт Роуд“ кое собира 10.226 гледачи, бил отворен во далечната 1905-та година. Секако, од тогаш преживеал неколку реконструкции, но кога ќе го погледнете одблизу, далеку е од реномираните и модерни арени на премиерлигашите.

Како што ова стадионче не ги исполнува сите критериуми на ФА и англискатата фудбалска лига, управата ќе мора до август да го прошири капацитетот и да го модернизира.

Од друга страна, правите вљубеници во англискиот фудбал тврдат дека таму има уникатна атмосфера и дека ќе биде право уживање кога ќе дојде некој од големите премиерлигаши.

Интересно, Лутон Таун има голема, можеби и поголема поддршка на гостувањата каде екипата ја бодрат неколку илјади навивачи. Така беше и на „Вембли“ во историското финале со Ковентри кога цела една огромна трибина и речиси пола стадион беше обоен во портокалово.

Управата веќе размислувала да почне изградба на нова арена која ќе собира до 23.000 гледачи.

Лутон Таун добил и дозвола за градба, проектот бил готов, и дури и почнале со изградба на новиот стадион но глобалната вирусна пандемија ја стопирала изградбата.

Управата, за да не им дава лажна надеж на локалните жители и навивачите, не давала ветувања, но големиот историски триумф и огромна заработка на окколу 170 милиони фунти им овозможила голем дел од средствата сега да дадат за новиот стадион во Лутон.

КОЛКУ ЌЕ ЗАРАБОТИ ЛУТОН?

Поради финансиската хегемонија на Премиер лига и уредувањето на пониските лиги во Англија, финалето на плејоф (бараж) на Чемпионшип решава кој клуб ќе добие околу 205 милиони евра во следните три сезони.

Последната екипа на табела во Премиер лига добива не помалку од 111 милиони евра за една сезона од тв права, па постои шега меѓу навивачите дека е подобро екипата да ти испадне од Премиер па да се врати.

Ова значи дека новопромовираните во Премиер лига, Барнли, Шефилд Јунајтед и Лутон Таун ќе заработат по 205 милиони евра за три години (околу 170 милиони фунти секој).

*************************************************************************

Островот зборува за него: Конгоанецот кој поминал пат со Лутон од селска лига до Премиер

29 мај 2023 - 08:58