Остајте пушките, местете головите да поиграме фудбал

Фудбалот има огромна моќ. Доказ за тоа е примирјето кое се случило за време на Првата светска војна кога британските и германските војници излегле од своите ровови да се пресметаат со топка, а не со оружје.

До 1914-та година фудбалот веќе земал голем замав во Европа. Во Британија веќе имало 5.000 професионални фудбалери, но кога во јули започнала војната, 2.000 од нив биле испратени на француско-белгиската граница за да ја спречат германската војска.
 
Опкружени во хаос, додека лежеле во рововите, војниците одлучиле спонтано и без ничија наредба да склопат неформано примирје, токму на Божиќ.
 
Според службените записи, целиот настан се одиграл во белгискиот град Ипр, кога на ничија земја, Британците виделе дека нешто свети во непријателските ровови, околу 400 метри оддалечени од нив. Германците запеале некоја божиќна песна, по што запеале и Британците.

На божиќното утро, војниците излегле од своите ровови, започнале дружба, размениле цигари и алкохол, а потоа си помогнале едни на други при закопувањето на мртвите.
 
Веста за натпреварот бргу се раширила низ фронтот. Генералите од двете завојувани страни не ја примиле веста со големо воодушевување. Германскиот и британскиот капетан биле казнети и разрешени од своите должности и војната продолжила.

Во градот Ипр денес има меморијален центар и крст на местото на кое се одиграло Божиќното чудо во далечната 1914-та година. Англиската фудбалска асоцијација, заедно со Здружението на Премиер лигата од 2011-та секоја година во овој град организира голем меморијален турнир во чест на загинатите војници на Фламанскиот фронт.
 
ФИФА и УЕФА ја одбележаа 100-годишнината од овој настан, кој е синоним за пријателство, мир и меѓусебно разбирање.
 
Се вели дека Германците тепале 3:2.

25 декември 2017 - 16:05