Според најновиот извештај на ФИФА, годинашните осминафиналисти од Лигата на шампионите од 1 јануари до денес имаат потрошено 201 милиони долари за нови играчи, а лани таа сума изнесувала 169 милиони.
Годинава новите клубови кои стигнаа во нокаут фаза за разлика од лани се Јувентус, Шахтјор Доњецк, Монако, Базел и Порто, а минатата сезона беа Зенит, Олимпијакос, Манчестер Јунајтед, Милан и Галатасарај.
Најскапите два трансфери во јануари ги реализираа Манчестер Сити и Челси кои и во двете сезони се меѓу најдобрите топ 16 екипи во Европа. Граѓаните го купија Вилфред Бони од Свонси за 28 милиони фунти, а Сините го испазарија Хуан Куадрадо од Фиорентина за 26 милиони фунти.
Светската куќа на фудбалот го направи и извештајот BIG 5 Transfer Window Analysis. Клубовите од најсилните 5 европски лиги зимава реализирале вкупно 452 трансфери, 2% помалку од лани овој период.
Лидер во трошење и натаму е Англија со 173 милиони долари, но за прв во последните пет зимски преодни рокови, на второ место е позиционирана Бундеслига со потрошени 116 милиони долари. Французите се удриле на штедење и потрошиле половина помалку од лани.
Пет факти за трансферите на најсилните пет европски лиги:
- Франција, Германија, Англија, Италија и Шпанија реализирале 452 трансфери, а 79% од нив не се направени во топ 5 европските лиги.
- Клубовите од овие лиги потрошија 466 милиони долари, 36% повеќе од ланскиот јануарски преоден рок.
- Просечната возраст на играчите кои ги купиле изнесува 23 години и 7 месеци или 3 месеци постари фудбалери од лани.
- Најмногу од трансферите во топ 5 лигите направени се во: Велика Британија (54 играчи), Шпанија (44 играчи) и Франција (35 играчи).
- Износот за такса продолжи да расте во текот на оваа зима и тој изнесува 23% од парите кои ги потрошија топ 5 лигите.