Октоподот Навас е најсилното оружје на Костарика

Со херојскиот пристап и квалитетите кои ги имаат, некои голмани од американските селекции тешко дека ќе одолеат на богатите понуди кои се очекува да стигнат од Европа. Покрај Очоа, тоа сигурно ќе биде јунакот на Костарика кој синоќа го скроти клучниот пенал на Грците за историско четвртфинале.

Најголемото изненадување во осминафиналната фаза од Мундијалот во Бразил е сигурно Алжир, кој и покажа на Русија дека бадијала ангажирале селекторот од калибарот на Фабио Капело. Но во топ 8 фазата сензација е првиот пласман на Костарика.

Оваа селекција беше аутсајдер во “групата на смртта“ каде за првите две позиции се очекуваше да се борат Италија, Англија и Уругвај, сите три учесници поранешни светски шампиони.

Најслабата репрезентација во оваа конкуренција се покажа како најтврд орев во оваа група, а голема заслуга за тоа има херојот Кејлор Навас кој остана несовладлив во дуелите против „Аѕурите“ и „Гордиот Албион“.

„Играм во многу тешко првенство и секоја недела го бранам голот од најдобрите светски играчи, па така престанав да се нервирам што мора постојано да се судрувам со толку големи имиња“, изјави Навас за сајтот на ФИФА.

Тој бранеше на сите досегашни 390 минути за својот тим во Бразил на кои прими само два гола, а одбрани 14 удари со што оствари успех на голот од 87,5%. Првиот гол го прими од Уругвај по кој неговите колеги возвратија со целосен пресврт, а вториот синоќа против Грција.

Кариерата на Костариканецот со ваквите партии сигурно ќе се движи во нагорна линија. Почна да брани за тимот на Саприса со кој освои три шампионски титули во домашното првенство, како и титула во Лигата на шампионите во Средна Америка.

Тоа му овозможи пласман на Светското клупско првенство каде го освои третото место, а беше прогласен и за најдобар голман на Голд Куп. Навас пред четири години направи трансфер во Албасете, а потоа премина во Леванте.

Од херојот на средноамериканската селекција кој го одбрани единствениот и клучен пенал на синоќешниот меч против Грција треба да се плашат и Ван Перси и Робен. Во неговиот тренажен процес тој издвојува минути во кои се фрла по тениски топчиња. 

 

30 јуни 2014 - 12:09