На 3 јули минатата година Челси го зема Фалкао на позајмица од Монако, истото што го направи претходно и Манчестер Јунајтед, а за откупување цената беше 50 милиони евра. Ако ги дадеше парите Абрамович цел живот ќе се каеше.
Колумбиецот кој растураше во Порто и Атлетико Мадрид, на 29 август настапи против Кристал Палас како замена за Вилијан и постигна гол, а Челси победи 1:2. Тоа му беше прв и последен гол за Челси. На 3 ноември се повреди на тренинг и се врати по неколку недели, а на 15 јануари новиот тренер Гус Хидинк потврди дека Фалкао е тешко повреден.
Не се најде на списокот на играчи за Лига на шампиони и остана на 12 настапи и 1 гол. На негово место во комбинација влезе Алехандро Пато, уште еден несреќник кој воопшто нема да го паметиме дека играл во Лондон.
Бразилскиот напаѓач кој им стана миленик на навивачите на Милан дебитираше Челси 64 дена откако пристигна, но и тој остана на еден гол, оној против Астон Вила од пенал.
„Многу сум среќен што потпишав за Челси, тоа е мојот сон. Едвај чекам да ги запознаам колегите и да заиграм“, изјави Пато кога пристигна на 26 јануари.
Ја доби 11-та, онаа на Дрогба, стана шестиот Бразилец кој постигнал гол на дебито во Премиер лигата, но остана на само два настапи.
Знаете ли која е најновата вест денеска поврзана за овие двајца играчи? Им заврши престојот во Челси, а тоа го потврди денеска и самиот клуб. Заедно со него и поранешниот голман на Милан, Марко Амелија за кој еве ние со колегата од спортска признаваме дека појма немавме дека е во Челси.
Заминал на позајмица на 8 октомври за да му биде замена на Асмир Беговиќ, откако се повреди Куртоа. Знаете колку настапи има? Ни еден.
Фалкао се враќа во Монако, Пато во Коринтијас, а Амелија не е познато каде. Им посакуваме далеку подобра сезона од оваа што ја имаа.