Во Ла Лига првите три места во секој момент од сезоната со години веќе се „резервирани“ за Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, во каков било редослед и да ги наредите.
Но веќе неколку месеци не е така. Прва на табела е екипа за чие составување летово се потрошиле околу 4 милиони евра, која има стадион со капацитет помал од 15.000 гледачи и чиј најголем историски успех и бил 10. место во Ла Лига.
Запознајте ја Жирона.
Овој клуб во 1999-та година играл во регионална, практично аматерска каталонска лига, петта по редот во шпанската фудбалска хиерархија.
Во 2017/2018 година за првпат стигнуваат до елитната Ла Лига каде по неколку испаѓања се вратија во 2022/2023 и завршија 10-ти минатата сезона.
Во моментов се први на табела со 2 бода повеќе од Реал Мадрид, четири повеќе од шампионот Барселона и шест пред Атлетико Мадрид кој има и меч помалку.
Главен творец на оваа бајка на Жирона е Мичел Санчез Муњоз, попознат како Мичел, некогашен врвен фудбалер на Рајо Ваљекано и Реал Мурсија кој ги води црвено-белите од 2021-ва година.
Мичел е познат како тренер кој љуби тотално офанзивен фудбал за што доволно говори и податокот дека досега сезонава го растурија речиси секој ривал.
Една коцка од мозаикот склопен летово е и познатиот холандски бек и штопер, Дејли Блинд кој играше одлично во Ајакс и Манчестер Јунајтед.
„Секогаш е тешко да се споредуваат тренери, секој има свој пристап и начин н аигра. Но она по што се двои нашиот тренер е дека отворено јасно сака да игра фудбал, има чиста идеја за секој натпревар и има реален тактички план.
Се обидува да му го всади тоа на тимот и да биде сигурен дека сме го разбрале планот.
Приказната која тој ми ја кажа пред да дојдам во Жирона беше навистина интригантна и морам да признаам дека бев возбуден и дека сакав да дојдам тука да играм за него по разговорот. Среќни сме како тераме и секогаш е важно за тренер да се биде јасен“, вели Дејли Блинд.
Ова го вели човек кој играше под Ван Гал, Мурињо, татко му Дани Блинд и многу други врвни тренери.
„Не сакам да ги споредувам, но за мене Мичел е тренер кој е човечен, кој се поврзува и на лично ниво со играчите. Тој влегува во шева на тренинг и е дел од нас. Тој бара од секој тренинг да биде најдобар но секогаш има и место за шега ваму и таму. Има одлична поврзаност со секој играч и тоа е стварно посебно“.
Дејли Блинд дојде во Жирона од Ајакс.
Покрај него во тимот блескаат уште и централниот играч за врска Алеиш Гарсија, а во нападот дар-мар прават младиот крилен напаѓач Савио и младиот класичен центарфор Украинецот Артем Довбик кој има 6 гола на осум меча и постигнува погодок на секои 109 минути.
Довбик е на листата најдобри стрелци заедно со ѕвездите Херар Морено, Алваро Мората, Џуд Белингем.
МОЖЕ ЛИ ЖИРОНА ДА БИДЕ ШПАНСКИОТ ЛЕСТЕР?
Рано е сè уште да се зборува за ова. Има да се игра уште еден куп натпревари до крајот на сезоната. Тие сега се далеку подалеку од она што го зацртале како цел пред стартот на сезоната.
„За мене не е сменето ништо, сакаш да завршиш што е можно повисоко во лигата и кон тоа целиме. Ќе видиме што ќе биде на крајот од сезоната. Секогаш треба да се биде амбициозен и да се има цел но на крајот останува она да се гледа „од натпревар до натпревар“ зошто секој следен е најважен и сакаш три бода“, вели Блинд.
Следен предизвик им е Рајо Ваљекано, најдрагиот клуб на тренерот на Жирона Мичел.
Ако ги победи и нив, Жирона ќе остане прва на табела за време на репрезентативната пауза и ќе биде условно речено најмалиот клуб лидер во најголемите европски лиги...