Од каде во Селтик толку многу Јапонци и Корејци и сите се главни играчи

На 30-ти декември се одигра големото шкотско дерби меѓу Селтик и Ренџерс. Победија зелено-белите 2-1 во жесток дуел во кој стрелец беше и еден од многуте Јапонци во тимот, Киого Фурунаши. Синоќа Селтик играше пак, против Сент Мирен на гости и победи 0-3 а првиот погодок на мечот уште во 54’ секунда беше дело на Јапонецот Маеда.

Селтик веќе има 8 бода предност пред најголемиот и вечен ривал Ренџерс но имаат и два натпревари повеќе. Селтик има 54 бода, Ренџерс е втор со 46.

Интересно во тимот на Селтик има дури 5 јапонски фудбалери и двајца Јужнокорејци.

Сите оние кои ги загледале „келтите“ сезонава, дали во Лига на шампиони, дали во шкотскиот Премиершип, забележале повеќе азијски фудбалери во составот.

Најдобри фудбалери и носители на играта на Селтик се шпицот Кего Фурухаши, крилниот напаѓач Даизен Маеда и везниот играч од среден ред Рео Хатате. Покрај нив тука се уште и нивниот сонародник Јуки Кобајаши (стопер), Томоки Ивата (бек), како и Јужнокорејците Квон Хек Кјо (бек, 22 години), Јан Хен Чун (десно крило, 21 година) и О Хен Гјо (центарфор, 22 години).

Имаат уште еден регистриран Јапонец, тоа е Јосуке Идегути кој игра во среден ред но е позајмен во јапонски клуб сезонава.

АЗИСКИ ШМЕК ДОНЕЛ СИМПАТИЧНИОТ АВСТРАЛИСКИ ГРК ПОСТЕКОГЛУ КОЈ СО ГОЛЕМ УСПЕХ ГО ВОДИ ТОТЕНХЕМ

За азиски фактор во Селтик се смета Ангелос Енџ Постекоглу, грчкиот Австралиец кој со огромен успех ги водеше „келтите“.

Постекоглу во Селтик дојде пред почеток на сезоната 2021/2022. Постекоглу во Шкотска пристигна од јапонскиот клуб Јокохама и веднаш од почеток изјавил дека има намера да води нетипичен фудбалски пазар за Шкотска.

Така дури 10 од 26 засилувања на Селтик (38%) во време на тренерот Постекоглу биле од неевропски клубови.

Освен од Азија, Енџ носел играчи од Австралија, Северна и Јужна Америка. На пример Австралиецот Арон Муи дошол од кинески Шангај СИПГ а Алистер Џонстон од канадски Монтреал.

Навивачите на Селтик веднаш се вљубиле во азиските играчи кои се понзати по нивната фанатична борбеност, дуел игра и прекрасна фудбалска основна школа.

Во фокусот сепак му била Јапонија. Практично уште првите денови кога дошол во Селтик потпишал договор со Фурухаши од јапонски Висел Кобе, со Хатате од Кавасаки, со Идегути од Гамба Осака, со Маеда од Јокохма.

Селтик речиси никогаш во историјата не пазарел толку фудбалери надвор од Европа.

Но почетокот бил тежок за сите па и за тренерот Постекоглу. Селтик испаднал во квалификациите за Лига на шампиони од дански Мидтјиланд, изгубил во првото коло од шкотската Премиер лига од Хартс, имале сам 8 победи на првите 15 меча од сезоната а заминал и најдобриот стрелец на тимот од претходните три сезони, ѕвездата Одсон Едуар кој отишол во Кристал Палас.

Постекоглу бил упорен и новајлиите набрзо донеле резултат. Особено сјајниот Фурухаши кој израсна во лидер на Селтик во изминативе години. Тој постигнал 20 гола во првата сезона, 34 гола во втората. 28-годишниот Фурухаши сезонава досега има 810 гола и 3 асистенции на 22 меча но изненадно повторно не е повикан во репрезентацијата на Јапонија за Купот на Азија.

Крилниот напаѓач и центарфор Даизен Маеда во првата сезона во Селтик имал фантастични 11 гола и 7 асистенции на 49 меча во првата сезона во Селтик, а досега сезонава има 3 гола и 3 асистенции на 22 натпревари во сите турнири.

Фудбалерот од среден ред Рео Хатате во првата сезона во Селтик имал 4 гола и 3 асистенции на 13 натпревари. Во втората сезона стигнал до 9 погодоци и 11 асистенции на вкупно 45 меча во пет натпреварувања (Лига на шампиони, шкотски Премиершип, шкотски Лига Куп, шкотски плејоф и шкотски Куп). Рео Хатате досега сезонава има 2 асистенции и 2 гола на 11 меча.

Селтик минатото лето планирал предсезонска турнеја во Јужна Кореја но плановите пропаднале поради тоа што организаторот не ги исполнил обврските (од иста причина одбиле и Вулверхемптон и Рома). Но затоа турнејата по Јапонија им тргнала по план. Постекоглу договорил и пријателска со неговиот поранешен клуб Јокохама, но во меѓувреме тренерот на Селтик добил примамлива понуда од англискиот гигант Тотенхем и стана тренер на Спарс.

Екипата во Јапонија ја водеше старо-новиот тренер Брендан Роџерс кој претходно на два пати освои тројна круна во Шкотска (првенство и два Купа) и е омилен меѓу навивачите.

Постекоглу на Селтик му отворил нови видици.

„Очигледно е дека нашата трансфер стратегија во последните шест месеци создаде голем интерес за нашиот клуб во Јапонија и Јужна Кореја. Ние сакаме тоа да продолжи. Сакаме да стекнеме милиони нови наши навивачи. Им покажуваме на луѓето колку ја цениме нивната поддршка од тие земји. Со нетрпение го чекам летото и тоа ќе биде одличен пат“, рекол Брендан Роџерс пред турнејата.

Некогашниот тренер на Ливерпул и Лестер изјавил уште и за трансфер политиката:

„Работата кој што ја врши Марк Лоуел (шеф на скаутингот на Селтик) на новите пазари е импресивна. Јас учествувам во трансферите но избраната стратегија продолжува. Некои од тие пазари не беа така достапни за нашите клубови но Марк тоа го смени. Зборувам за јапонскиот пазар, за корејскиот, за Австралија. Сега гледате како другите клубови се обидуваат да ги користат тие пазари“.

Од друга страна, фудбалерите од азиските земји сонуваат да играат во Премиер лигата и Селтик на некои од нив им е како трамполина, како отскочна даска и попатна станица.

Најважно за ова е работната виза, дозволата за влез. За потсетување, секој странски играч за да направи трансфер во Премиер лига, мора да исполнува неколку критериуми: да има одреден број настапи за репрезентација, местото на репрезентацијата на ранкингот на ФИФА, сила на лигата од која доаѓа, резултатите на клубот, лична статистика итн.

За автоматски да може да прејде во Премиер лига мора да исполнува 15 поени, а ако играч исполнува од 10 до 14 поени, можно е да бара апелација и случајот да му го разгледува комисија на ФА задолжена за тоа.

Поради тоа што јапонската и корејската лига се слаби во рејтингот (6-та група по силина), така играчите од овие две земји можат да сметаат само на настапите за репрезентација. И тука ја користат шкотската лига како отскочна даска.

Шкотското првенство е во 3-та група по квалитет на светско ниво и има поголеми шанси секој играч од оваа лига да премине во Премиер лига. Особено двата најголеми клубови од Глазгов кои секоја година играат редовно во еврокуповите.

Селтик е најдобра варијанта за адаптација на животот во Британија пред трансфер во Премиер лига: англиски јазик, клима, храна, менталитет, поголем број азиски фудбалери во тимовите итн.

„Играчите од Азија сфатија колку тука се добродојдени: како клубот се грижи за нив, како уживаат во престојот во градот, како навивачите ги примаат. Азискиот пазар несомнено ќе биде се поголем и поголем. Веќе е силен така што нивната доверба ќе биде многу корисна и за нас“, рекол еднаш Постекоглу.

Голем број од скаутите од британските клубови гледаат кон Европа и Јужна Америка. После Брексит на играчите од континентална Европа им треба работна виза, така што малку е паднат степенот на побарувачка на фудбалери од Европа со останатите делови од светот.

Притоа во просек играчите од континентална Европа се поскапи од оние од Азија. Селтик на пример потрошил повеќе од 5 милиони евра само на Фурухаши а тој сега е проценет околу 14 милиони евра. Останатите исто вредат многу повеќе отколку во моментот кога дошле во Шкотска: О Хен Гју (платен 2,8 милиони евра), Јан Хен Чун (2,5 милиони евра), Хатате и Маеда (по 1,5 милион евра), Квон Хек Кју (1 милион евра), Идегути (760.000 евра).

Зголемен е и интересот за Селтик кај азиските гледачи. Во летото 2022 јужнокорејскиот спортски канал SPOTV купил права за шкотска лига а ги откупиле и правата за пренос во Јапонија со посебен фокус на натпреварите на Селтик.

Откако го потпишал Фурухаши во летото 2021-ва Селтик добил неколку илјади нови следбеници на социјалните мрежи од Јапонија па си направил и нов Твитер налог на јапонски јазик на кој има околу 100.000 следбеници. Клубот Селтик организирал и тренинг кампови во Токио, Фукуока и Хирошима за деца од 7 до 12 години каде под раководство на луѓето од клубот тренираат и изучуваат англиски.

Некое од овие дете би можело во иднина да дојде да игра за Селтик.

ЈАПОНЕЦ БИЛ ИЗБРАН И ЗА ИГРАЧ НА ГОДИНАТА ВО ШКОТСКА

Селтик исторски имал врска со фудбалери од Азија. Го паметите големиот мајстор на слободни удари, Шунсузке Накамура кој од 2005-та до 2009-та година постигна 31 гол и имаше 38 асистенции на 146 меча за „келтите“. Тој е првиот Азијат кој добил награда за најдобар играч на годината во Шкотска, а лани неговиот подвиг го повторил Кјого Фурухаши кој е лидер на актуелниот Селтик.

Во Селтик имаше и Јужнокорејци, а имаше и Кинез и тоа беше уникатен пример кога фудбалери од Јужна Кореја, Јапонија и Кина за првпат се сретнале во еден ист европски тим.

Интересно, уште во далечната 1936-та година уште тогаш во британска Индјиа, Мохамед Абдул Салим стигнал во Глазгов и станал прв Азијат во европски фудбалски клуб.

Од тогаш низ Селтик минале уште 15 играчи од Азија.

3 јануари 2024 - 11:33