ХАТЕМ БЕН АРФА, ХАЛ СИТИ
Сè одеше по зло за Французинот во последните 12 месеци, во кои од клучен играч на Њукасл заврши на позајмица во Хал, екипа која на крајот го изостави од составот. Тренерот Стив Брус не бил задоволен од неговото залагање на тренинзите и натпреварите, по што „тигрите“ ќе го вратат во Њукасл уштe во јануари, иако го позајмија до јуни.
Последен пат за Хал, Бен Арфа играше на 29. ноември во поразот од Манчестер Јунајтед, кога истрча 35 минути, по што се врати во Франција. Според Л'Екип, Ница сака да го купи играчот од средниот ред на Њукасл.
СТИВ БРУС, ХАЛ СИТИ
Ништо посигурен од Бен Арфа не е ниту тренерот на Хал, Стив Брус. Екипата во моментов е на 19. место во Премиер лигата, на само два бода од зоната која обезбедува опстанок. Хал е 10 натпревари без победа, а загуби на последните 6 од 8 средби, што беше знак управата на клубот да разговара со Стив Брус за неговата иднина како тренер на екипата во втората полусезона.
ФРАН ЕСКРИБА, ЕЛЧЕ
Во Шпанија најмногу му се тресе клупата на тренерот на Елче, екипа која победи само на два домашни натпревари сезонава и даде само шест гола на осум натпревари на својот стадион. По четирите порази по ред, извесно е дека Ескрибе ќе си ги пакува коферите, а Елче ќе добие нов тренер.
ЈИРГЕН КЛОП, БОРУСИЈА ДОРТМУНД
Добриот настап на Дортмунд во ЛШ го расипаа очајните игри во Бундеслигата. Среќа во несреќа е што Фрајбург во неделата прими 2 гола, па поради послабата гол-разлика е последен, а Дортмунд е претпоследен.
Јирген Клоп и Дортмунд победија само на четири средби во лигата сезонава и се 17-ти со дури 30 бода заостаток зад лидерот Баерн Минхен. Нема логично објаснување за тоа како екипа во која играат Матс Хумелс, Пјер-Емерик Обамејанг, Нури Сахин, Илкај Гундоган, Чиро Имобиле и Хенрик Михтарјан може да игра толку лошо од недела во недела.
РОБЕРТО МАНЧИНИ, ИНТЕР
Тоа што само два месеци е на клупата на клубот со кои освои три титули по ред во минатото, Манчини не е ни бледа сенка од тогаш. Интер победи само еден од петте натпревари по доаѓањето на Манчини и далеку е местото кое води во ЛШ следната година. Само голот во последните минути го спасија од пораз против Лацио, а Интер не игра ништо подобро одошто играше со Валтер Мацари.
Манчини очекува во јануари да го засили тимот со нови фудбалери, но тоа не гарантира сигурен успех. Интер во моментов е 11-ти на табелата во Серија А.
НОЛИТО, СЕЛТА ВИГО
Едно од најпријатните изненадувања во првиот дел од сезоната беше фудбалерот на Селта Виго. Технички надарен, напаѓачот знаеше и да дава и да мести голови. Нолито играше толку добро, што доби повик и за шпанската репрезентација.
По неверојатниот триумф против Барса на Камп Ноу, Селта Виго загуби на шест натпревари по ред и кризата беше неминовна и за Нолито. Што е уште пострашно, Селта не даде ниту еден гол на тие шест натпревари, а Нолито по неколкуте клупи, заигра претходниот викенд и промаши пенал.
ЕДИНСОН КАВАНИ, ПСЖ
Уште еден напаѓач кој работи за тимот, но не и за себе. Уругваецот има драстичен пад на формата, по што неговата репутација е доведена во прашање. Само еден гол на последните шест натпревари во Лига 1 и не е баш добар учинок од човекот од кој многу се очекуваше. Арсенал е најзаинтересиран за неговите услуги.
РОБЕРТО МАРТИНЕЗ, ЕВЕРТОН
Брендон Роџерс го тргна притисокот од себе на последните неколку натпревари на Ливерпул, така што притисокот сега е на другата страна од Мерсисајд. Евертон лани се бореше за четврто место и излез во Европа, а годинава се 11-ти на табелата со само две победи на последните осум средби.
Тешкиот пораз од Саутемптон 3:0 минатиот викенд не носи многу оптимизам кај „карамелите“ пред Божиќ.