Новата Џенова ќе зборува македонски. По Горан Пандев, сега и Никола Јакимовски е пред промоција во Серија А. Јакимовски минатата сезона играше во втората италијанска лига во тимот на Варезе и изјави дека е спремен за елитното друштво. Инаку агент на Никола Јакимовски е познатиот менаџер Силвио Мартина, кој ги застапува интересите и на Немања Видиќ и кој веќе преговара со Џенова за трансфер на левиот бек.
„Џенова е голем клуб и би сакал да играм таму. Знам дека преговорите сè уште се во тек и за тоа се грижи мојот менаџер. Јас сум на одмор во Шпанија и очекувам позитивни вести. Џенова ми се допаѓа како град и моето срце веќе е црвено-сино“, изјави Јакимовски за Газета дело Спорт.
Поранешниот фудбалер на Македонија Ѓорче Петров и Тетекс ги освои симпатиите на навивачите на Џенова, екипа која одигра солидна сезона во Серија А.
„Со Горан Пандев сме пријатели, но тој пред сè е голем играч. Освен што е прекрасен човек, тој е и симбол на нашиот фудбал. Би било фантастично да играм заедно со него во Џенова, каде веќе има многу одлични фудбалери“, додаде Јакимовски.
Јакимовски е роден во 1990. година и веќе има богата кариера зад себе.
„Играв во Унгарија, во Србија и во Јапонија, но мојот сон отсекогаш беше да заиграм во Италија. Уште како мал ги гледав натпреварите од Серија А и имав желба да бидам дел од вашиот фудбал. За мене Италија е врвот. Како мал идол ми беше Алекс Дел Пиеро, а денес се инспирирам од Коларов. Многу соиграчи ме споредуваат со него и за мене тоа е чест. Би било убаво ако го достигнам неговото ниво“, Јакимовски го заклучи разговорот за реномираниот весник.
Јакимовски е роден на 26. февруари 1990. година во Крива Паланка. Досега настапуваше за репрезентациите на Македонија до 17, до 19 и до 21 година. Во кариерата играше за Нагоја во Јапонија, за Јавор и Јагодина во Србија, во унгарскиот Ференцварош и во домашните Македонија Ѓорче Петров и Тетекс.