Сезона со две лица, тоа е накусо впечатокот кои го имаат некои медиуми во Италија за игрите на Илија Несторовски во неговата прва сезона во Палермо. Тргна одлично и стигна до 10 голови во Серија А, но потоа застана.
Последниот гол на македонскиот интернационалец падна на 26 февруари на средбата Палермо – Сампдорија и од тогаш веќе три месеци е без постигнал погодок. Свесен дека ова не беше добра сезона на Палермо се извини во име на сите.
„Сакам да се извинам на навивачите во мое име и во име на сите играчи бидејќи оваа сезона ја погрешивме целосно“, изјави Несторовски по синоќешниот пораз на Палермо од Пескара со 2:0.
Палермо во последното коло го пречекува Емполи кој игра клучен меч за опстанок, а во изминативе 37 кола оствари само 5 победи со кои се наоѓа на претпоследната позиција пред Пескара која исто така оди во втора лига.
Несторовски неколку пати оваа сезона изјави дека му се допаѓа Палермо и како клуб и како град за живеење, а овој пат за прв пат покажа желба дека ќе остане да игра за истиот клуб и покрај тоа што ќе биде второлигаш.
„Мојата иднина е тука во Палермо со кој имам уште 3 години договор. Сега мислам само на мечот против Емполи за да се заврши на добар начин сезоната“.
По само два и пол месеци игра во Серија А, Иле заработи разни епитети изразени во суперлативи, како и споредби со Инѕаги, Икарди и Перишиќ. Во тој период стигна и до извонредна статистика која го смести на втората позиција на најдобри стрелци според процентот на реализација.
Дали ќе успее Палермо да го задржи Несторовски или поточно дали тој ќе одолее на понудите ќе видиме летово. За него интерес покажаа екипи како Наполи, Лацио и Фиорентина.