Нереален пораз на Македонија за крај на европската одисеја

Македонската фудбалска репрезентација ги завршува настапите на Европското првенство, за жал со висок пораз кој не го заслужи. Крај на репрезентативната кариера за Горан Пандев кој доби дрес од домаќините. Ти благодариме легендо.

Избраниците на Игор Ангеловски влегоа растеретено и без притисок во третото и последно коло од групната фаза, но не успеаа да освојат ниту еден бод.

По поразите од Австрија (3:1) и Украина (2:1), Македонија загуби со 3:0 од Холандија, резултат кој воопшто не ги отсликува настапите на теренот.

Нашите јунаци кои за прв пат во историјата не израдуваа со пласман на едно големо натпреварување играа отворено, храбро и напаѓачки, а тоа го најави Мрме со стартната постава во која ги стави Елмас, Пандев, Трајковски и Тричковски.

Првата вистинска шанса на мечот ја имаше Александар Трајковски кој во 21. минута со одличен шут од 20 метри ја погоди стативата. Претходно Тричковски постигна гол, но му беше поништен поради офсајд.

Само три минути подоцна Депај по еден брз контранапад донесе водство за Холандија, но претходно имаше старт за прекршок врз Пандев на кој замижија и во ВАР собата.

Холанѓаните преку Мален имаше 100% шанса за 2:0, но Димитриевски бранеше одлично. До крајот на првиот дел Македонија продолжи да притиска и во два наврати се закани од далечина преку Трајковски.

Македонија тргна офанзивно и во вториот дел и повторно беше рамноправен противник против големиот фаворит, но нозете им ги пресече капитенот Вајналдум со два погодока во 51-ва и 58-ма минута.

Натпреварот Холандија - Македонија и датумот 21 јуни 2021 ќе остане запаметен во историјата по последниот репрезентативен настап на капитенот Горан Пандев, кој доби специјален дрес од домаќините.

21 јуни 2021 - 20:10