Реал Мадрид викендов загуби од Џирона со 2:1 и сега има еден доста незгоден статистички податок кој треба да го побие за да ја одбрани титулата во Шпанија.
Кралскиот клуб заостанува 8 бода зад Барселона и никогаш во историјата не го освоил првенството кога бил во ситуација да анулира толкава предност на ривалот од Каталонија.
Од мечот со Џирона не само што е катастрофален конечниот резултат, туку несфатливо е како може еден клуб со таков силен состав, кој е првак на Европа две години по ред, да му дозволи на овој противник да упати 15 удари кон нивниот гол.
Последен пат кога Реал загубил од клуб кој е тазе влезен во прва лига се случи во 2008-ма година, а тогаш беа совладани од Алмерија.
Почетокот на новата сезона во Ла Лига наговестуваше скроз обратен развој на настаните, а тоа е дека Барса без Нејмар и со засилувањето Дембеле кој веднаш се повреди, нема да биде на истото ниво од претходно.
Но резултатите покажуваат нешто сосема друго. Барса има 9 победи, едно реми и само 3 примени гола, а Реал Мадрид има скор од 6 победи, 2 нерешени и 2 порази. Ремизираше со Леванте и Валенсија и загуби од Бетис и Џирона, нешто што еден шампион не смее да си го дозволи.
Ефикасноста во напад им е слаба како ретко кога. Имаат постигнато 19 гола на 10 меча, исто колку Бетис и Селта, а Роналдо и Бензема зедно имаат постигнато 2 гола, што е за потсмев.
Притисокот за слабите резултати секогаш се префрла врз тренерот, па така сега секоја одлука на Зинедин Зидан е ставена под лупа. Го обвинуваат дека со продажбата на Алваро Мората и Хамес Родригез ја ослабел клупата и не побарал нов шпиц, а екипата не може да ја разбуди ниту по 10 изминати кола.
Ваков лош старт, Реал Мадрид немал уште од времето со Мурињо кога титулата ја загубија во доцната есен. Тогаш Барса имаше 15 бода предност.
Кралевите знаеле да се вратат, а тоа се случи за време на вториот мандат на Капело во 2006-та година. Тогаш имаат освоено 20 бода на 10 средби, но разликата е што Каталонците им бегаа само 3 бода.
Навивач на Реал Мадрид на шега твитна: „Ќе чекаме титула 7 години“, алудирајќи на минатата сезона кога ја прекинаа лошата серија без освоена титула од сезоната 2011/2012 со Мурињо.