ИДОЛ МУ БИЛ БРАЗИЛЕЦОТ РИВЕЛИЊО, А ЗА НАЈДОБАР ГО ПРОГЛАСИЛ ФУДБАЛЕРОТ КОЈ СКОРО НИКОЈ НЕ ГО ЗНАЕЛ
„Неговиот дриблинг, точен пас и неодбранливи удари ми беа патоказ“, рекол еднаш Диего за легендарниот Бразилец Ривелињо за кого постарите генерации тврдат дека бил магионичар со топка.
Марадона еднаш раскажал дека најдобар фудбалер кој тој лично го гледал во животот е Аргентинецот Томас Карлович. За овој играч Диего тврдел дека бил подобар дури и од него.
Томас Карлович бил неверојатен талент кој не сакал слава и одбил многу милионски понуди. Затоа голем дел од кариерата поминал во аргентинскиот фудбалски андерграунт.
„Што значи да се биде најдобар играч на светот“?, го прашале Диего во 1993-та година. А Марадона одговорил: „Најдобриот играч на светот веќе играше во Росарио. Го викаат Томас Карлович“.
Во февруари 2019-та Марадона, како тренер на Химнасија Ла Плата дошол на меч во Росарио и не заборавал на најважното - да се сретне со Карлович. Двајцата имале топла и пријатна средба, Диего му подарил на Томас дрес со автограм и рекол: „Тринче, ти беше подобар играч од мене“. Карлович се трогнал и рекол: „Диего, сега можам да заминам мирно од овој свет, ти беше најголемиот човек во мојот живот“.
Томас Карлович умрел во мај 2020 година. После речиси 6 месеци замина и Диего.
МАРАДОНА НЕ БИЛ КАТЕГОРИЧКИ СОГЛАСЕН ДЕКА ПЕЛЕ Е НАЈДОБАР ВО ИСТОРИЈАТА
„Во психијатриската болница кај што се лечев (знаете од што), еден се сметаше за Наполеон, друг за Сан Мартин (лидер на аргентинската борба за независност од Шпанија), а мене никој не ми веруваше дека сум Марадона. И нема смисла да се спориме кој е најдобар: јас или Пеле. Секој ќе каже јас“.
НЕ БИЛ СЕКОГАШ ЛУД И НЕЗГОДЕН
Физиотерапевтот на Марадона, Фернандо Сињорини најубаво ја доловил разликата меѓу Диего во детството и Марадона на врвот на славата.
„Кога зборуваш со него, ќе видиш дека постои Диего, скромно дете од Буенос Аирес, мамин син. И постои Марадона, личност која ја создадоа без негово учество.
За Диего би отишол на крај на свет, но за Марадона не би направил ни чекор“.
РАСТЕЛ ВО СИРОМАШНО СЕМЕЈСТВО, МАЈКА МУ НЕ ЈАДЕЛА ЗА ДА ИМА ЗА ДЕЦАТА, ДИЕГО НА 13 ГОДИНИ ВЕЌЕ РАБОТЕЛ
Марадона е пораснат во беден реон каде скоро никогаш немало полиција кога и да се појавело полициско возило, било спалувано.
Семејството Марадона живеело во полу-разрушен дом. Куќата ја изградил татко му од се што ќе му се нашло под рака. Покривот од калај постојано им протекувал кога врнел дожд, а во домот немале ни вода. За да се мијат требале да носат неколку шишиња и кофи од уличната чешма.
За доручек мајка му на Диего често викала: „Јас нема да јадам, ме боли стомак“. Марадона на постари години сфатил дека во домот едноставно немало храна.
Им завидувал на другарите кои имале велосипеди, фудбалски копачки, топка, дресови.
На 13 години отишол да работи во дезинфекциона фирма. Секое сабајле во 7 му давале пакет со отров, требал да се спушти во подрум и да става од отровот во местата каде се собирале инсекти.
Со прва плата решил да ја однесе мајка му во пицерија на ручек.
ПОСЛЕ ТЕШКОТО ДЕТСТВО, САКАЛ ДА СТАНЕ ПРИМЕР ЗА СИРОМАШНИТЕ ВО НЕАПОЛ
Диего Марадона беше голем следбеник на Фидел Кастро и Че Гевара. Овие луѓе го инспирирале, Диего сакал да биде како нив, па затоа во Неапол бил пример за сиромашните деца во градот.
„Бев симбол на бедниот Југ против богатиот Север“, рекол Марадона за класните разлики во Италија.
ПРВ ФУДБАЛЕР НА БАРСЕЛОНА НА КОГО МУ АПЛАУДИРАЛЕ НА „САНТИЈАГО БЕРНАБЕУ“
Диего го сакале сите, дури и ривалите. Во 1983-та година како играч на Барса го дал вториот гол против Реал во првиот меч од финалето на Купот на Шпанија. Тоа бил страшен гол: ги изместил голманот и бекот па поминал преку гол линијата.
Голот бил толку јак што на „Сантијаго Бернабеу“ станале и му аплаудирале на големиот ривал од Каталонија. Таков респект доживеаа само Роналдињо и Андрес Иниеста.
ГОЛ СО РАКА ДАЛ И ПРЕД СВЕТСКОТО 1986
„Божјата рака“ прво ја направил во дресот на Аргентинос Хуниорс, родниот клуб на Диего Марадона. Еднаш и раскажал за тој момент:
„Противниците видоа се и го нападнаа судијата кој на крај го призна голот и направи голема, груба грешка. Знам дека тоа не е многу убаво, но една работа е кога ќе донесеш одлука со трезна глава, а друго е во жар на борба. Правиш се за да дадеш гол“.
ПОСЛЕ МУНДИЈАЛОТ 1986 СПИЕЛ НЕКОЛКУ ДЕНА И ЈАДЕЛ ПЕЧЕЊЕ
По фамозното Светско првенство („Божјата рака“ и неверојатниот гол против Англија па славјето во финалето за злато против Германија), Марадона се вратил дома емотивно тотално исцрпен. Се затворил во родната куќа и спиел неколку дена.
Мајка му давала изјави на новинари, на роднини, на пријатели, на комшии. Секој ден му носела во соба на Диего свежо печење и тазе млеко. Не сакал ништо друго.
ПРЕД 25 ГОДИНИ МОЖЕЛ ДА СТАНЕ ИГРАЧ-ТРЕНЕР ВО НАЈГОЛЕМИОТ КЛУБ ВО КАРИЕРАТА НА ПЕЛЕ
Бразилецот се прослави и најдобрите денови во кариерата ги имаше во дресот на Сантос. Во 1995-та година спонзорот на овој бразилски трофеен клуб бил спремен да вложи онолку пари колку што ќе посака Диего, за да им стане играч-тренер.
Не се договориле. Потоа пак преговарале во 1998-ма и исто не нашле заеднички јазик.
ПРВ ГОСТИН НА ТОК-ШОУТО НА ДИЕГО БИЛ ПЕЛЕ
Бразилецот за време на гостување во емисијата која што ја водел Марадона, рекол дека животната историја на Диего е пример и за син му кој западнал во затвор поради наркотици.
„Ти си пример за него зошто ти си победник. Твојата програма ја гледа цел свет, мора нешто да направиме за да им помогнеме на луѓето зависници“.
МАРАДОНА ИМА НАЈМАЛКУ 8 ДЕЦА
„Мои законски деца се само Далма и Џанина. Сите други се продукт на моите пари и моите грешки“, рекол Диего.
Подоцна Диего ги призна и другите деца - три од нив (од две жени) се родиле на Куба каде Диего се лекуваше од зависност од 2003 до 2005. После долги спорења, Марадона за свои деца ги признал и 32-годишниот Диего Џуниор и 22-годишната Џана. Има уште деца од девојките со кои се гледал извесно време во кариерата.
Тој има 8 признати деца.
„Уште три и ете ти фудбалски тим“, напишала ќерка му Џанина на Инстаграм.
Минатата година режисерот Асиф Кападиа сними документарен филм „Диего Марадона“ кој најдобро го опишува неговиот живот и кариера.