Некогаш во војна, а сега заедно би организирале Светско првенство

Ноќта меѓу четвртокот и петокот, Уругвај и Аргентина одиграа исклучително важен меч од квалификациите за Свветско првенство а лидерите на двете селекции заедно ја промовираа кандидатурата за Светско 2030 во двете земји.

Фудбалот спојува, тоа е дефинитивно. Аргентина и Уругвај се две земји кои низ историјата војувале, се бореле едни со други. Ривалитетот на клубовите од двете држави е голем. Но нивните двајца најдобри играчи се како браќа. Соиграчи се во Барселона, одат заедно на одмор и живеат мошне близу во главниот град на Каталонија.

Во 2030-та година Светското фудбалско првенство ќе полни 100 години: првиот турнир се играл во 1930-та во Уругвај (филмот Монтевидео е на таа тема). Тогаш играле 13 учесници а во 2030-та година можно е да гледаме 48 како што тргнала ФИФА со измените.

Аргентина и Уругвај одамна решиле заедно да поднесат кандидатура за домаќинство на ова јубилејно првенство а неодамна на нивна врата чукнале и Парагвај и Чиле кои би сакале да бидат дел од најголемиот настан во Јужна Америка после долги години.

Очигледно е дека времето на Мундијал во една земји веќе доаѓа при крајот: за организација на СП 2026 заедно претендираат САД, Канада и Мексико. Многу е веројатно дека Аргентина и Уругвај, се пласираат ли и двете на Светскиот Куп 2018 во Русија, би можеле да ја добијат организацијата.

Синоќешниот меч меѓу нив заврши 0-0 што ја остави Аргентина на 5. место коешто и гарантира бараж со претставник од Океанија. Уругвај е на две позиции повисоко а има еден бод повеќе од „Гаучосите“.

Едно е сигурно, Меси и Суарез во 2030-та ќе имаат по 43 години.