Не играјте фудбал во Грција, Кипар и Турција

Здружението на професионални фудбалери ФИФПро ги предупреди играчите да не потпишуваат договори во Грција, Турција и Кипар затоа што клубовите не плаќале. Очигледно луѓето од ФИФПро не слушнале за македонскиот фудбал.

Меѓународното здружение на професионални фудбалери ги предупреди играчите да бидат многу претпазливи пред да потпишуваат договори со нов клуб. Тие дадоа негативно мислење и на фудбалерите не им препорачуваат да потпишат за клубови од Кипар, Грција и Турција, а посебно не за оние клубови што не играат во европските натпреварувања.

Нивните негативни пропораки се базирани на бројот на тужбите кои пристигнуваат во ФИФА, а се поднесени од фудбалери на кои не им биле исплатени платите според договорите кои ги имале со клубовите.

На право место според бројот на тужби, убедливо се клубовите од Кипар, а второто и третото место се резервирани за Грција и Турција.

„Бројот на спорови се зголемува секоја година. Клубовите не го исполнуваат ветеното. По неколку месеци клубовите снемуваат финансиски средства и не им ги исплаќаат платите на фудбалерите. Играчите често и ги исфрлуваат од нивните домови затоа што клубовите не плаќаат кирија", стои во соопштението на ФИФПро.

Ви звучи познато?

22 август 2013 - 12:12