„Секој вистински навивач на Наполи не може да не реагира после таков срам", порачаа фановите на клубот од Неапол кои направија фејсбук страна преку која ќе собират донации за да ја надоместат штетата направена во лондонскиот паб „Piebury Corner".
„Направивме фб страна под името „Навивачи со сина крв за „Piebury Corner". Синиот дрес на Наполи е нашата единствена и најголема страст, а ние се чувствуваме засрамени што бевме "претставени" од овие бандити. Затоа сега чувствуваме одговорност да му извиниме на народот во Лондон, а посебно на навивачите на Арсенал. Но тоа не е доволно и затоа организираме акција за да ја платиме штетата", стои во соопштението.
Навивачите на Наполи извинувањата ги испратија и преку пораки на радио до сопственикот и вработените во пабот каде настрада и еден гостин кој поради повреди заврши во болница.
„Утрово на едно наполитанско радио стигна извинување од страна на вистинските навивачи на Наполи. Ние тоа го прифаќаме затоа што тие немаат врска со тие триесетина маскирани хулигани кои демонстрираа насилство. Потоа пристигнаа и многу пораки за солидарност од поддржувачи на Наполи од целитот свет", изјави сопственикот на пабот.
На Твитер профилот на „Piebury Corner" стои дека ваков гест до сега никогаш не се случил и дека италијанските навивачи кога сакаат, знаат што значи фер плејот многу подобро од некои други.