Најлошиот старт на Јунајтед во последниве 15 години

По заминувањето на учителот за фудбал, Сер Алекс Фергусон, Црвените ѓаволи пробаа со Мојс, па со Ван Гал, а за сега не одат работите како што треба ниту со тренерот кој никогаш не признава дека е крив за нешто.

Манчестер Јунајтед под водство на Жозе Мурињо го има најлошиот старт во Премиер лигата од 2001 година, а тој податок се поткрепува со само 14 освоени бода на 8 меча, 2 помалку од Луј ван Гал минатата сезона.

Синоќа во дербито против Ливерпул имаа мизерни 35% посед на топка и само еден удар во рамките на гол, што е срамота, како да пишуваме за Свонси, Барнли или Бурнемут кој му даде 6 гола на Хал.

Статистиката на Opta покажува дека толку низок податок на посед на топка не е регистриран во Премиер лигата од 2003-та година, а резултат 0:0 меѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед се случува втор пат во 25 години.

Жозе Мурињо се разбира даде изјава од типот се е во ред.

„Ливерпул има одличен тим, а на вас ви се допаѓа да кажувате дека сум последен во светот на офанзивниот фудбал, но во реалноста и тие знаат да се бранат. Ние одигравме добро, успеавме да не им дозволиме да го контролираат мечот и мислам дека резултат е правилен.“

Изјавата на Мурињо воопшто не се поклопува со статистиката од натпреварот.

Згора на се, Мурињо го има и играчот со најмногу промашени големи шанси сезонава во Премиер лигата.

18 октомври 2016 - 16:32