ЛЕСТЕР
Најголемата и незаборавната сензација на годината сигурно ќе биде Лестер кој ја запечати првата титула во Премиер лигата. Тргнаа со надеж дека ќе опстанат, но на крај успеаа да ја освојат лигата која важи за најбогата во светот и во која играат Челси, Арсенал, Ливерпул, Тотенхем и двете екипи од Манчестер и каде со милијарди влегоа тајкуни од Русија, САД и арапските земји. За многу аналитичари Лестер е најголемото изненадување во модерниот фудбал, а голема заслуга за тоа има Клаудио Раниери кој стана миленик во градот и кој од просечни играчи ги направи ѕвезди Варди, Марез и Канте.
ИСЛАНД
Второто место на овој подиум оди кај момците дојдени од земја каде 6-7 месеци не може да се игра фудбал од што е ладно. Исланд дојде на Европско со селектор кој по професија е шахист и со играчи заедно вредат помалку од Кристијано Роналдо. Тие ги замолчија сите прогнозери кои ги сметаа за аутсајдери и заслужено ги украдоа насловните страни во весниците. Одиграа нерешено со Португалија и Унгарија, ја победија Австрија, а во осминафиналето ја посрамотија Англија по што Хоџсон си поднесе оставка. Исланд ќе се памети како едно од најголемите изненадувања на Европските првенства.
КРОТОНЕ
За прв пат во својата историја Кротоне ќе игра во Серија А и по Катанѕаро и Реџина станува третиот тим од Калабрија кој успеал да се пласира во елитата. Ова чудо се создаваше 24 години откако Рафаеле Врена со помош на брат му Џани е претседател на клубот. Извршен директор е нивниот татко Луиџи кој своите деца ги носел на стадион да го гледаат Катанѕаро со Мацоне и Раниери. Епилогот од 24 години работа за да стигнат до Серија А се должи на долга, но успешна менаџерска работа. Историјата ја испишаа заедно со хрватскиот стратег Иван Јуриќ кој го држеше врвот во Серија Б цела сезона.
ПЛАЗА КОЛОНИЈА
Има еден “Лестер“ и во Јужна Америка кој се вика Плаза Колонија. Се работи за мал клуб од малиот град Колонија дел Сакраменто, место кое нема ниту 30.000 жители и се наоѓа на 180 километри од Монтевидео и 50 од Буенос Аирес. Титулата во Уругвај ја освоија едно коло порано, а 19 месеци претходно беа последни на табелаа во втора лига. До 2000 година Плаза Колонија играше во регионални лиги и сега стана втор клуб кој не е Монтевидео, а ја освоил титулата. Екипата им се базира на млади играчи.
АЛЕСАНДРИЈА
Ниту Џани Ривера не успеа до волку. Со 15 години, 9 месеци и 15 дена стана најмладиот фудбалер кој дебитирал во Серија А по војната со дресот на Алесандрија. Неговите наследници го кренаа градот со 94.000 жители на нозе откако успеаа да стигнат до полуфиналето од Купот. Третолигашот ги елиминираше Алто Вичентино, Про Верчели, Јуве Стабија, Палермо, Џенова и Специја. Пречката во полуфинале им беше Милан предводен од Михајловиќ. Само уште еден третолигаш успеал да стигне до полуфинале во Куп на Италија, тоа е Бари во 1984-та.
РОСТОВ
Се работи за еден од најстарите клубови во Русија, формиран во 1930-та со многу сиромашна историја. Една титула во втора лига, еден Куп и две титули во трета лига за време на СССР. Ростов во поголемиот дел од првенството беше лидер на табелата, а првата позиција ја загуби дури во последното коло. ЦСКА Москва стана шампион со 65 бода пред Ростов со 53, Зенит 59. Второ место кое им носи квалификации за ЛШ.