Најголемиот малер стана најскап фудбалер во историјата

Само четири години откако Тотенхем се обидуваше да се ослободи од пропаднатиот талент кој беше и најголем лузер во Премиер лигата, Герет Бејл направи рекорден трансфер во Реал Мадрид и стана најскап играч во историјата на фудбалот.

Велшанецот Герет Бејл ја започна професионалната кариера во тогаш второлигашот Саутемптон каде со одличните изданија по левата страна и мајсториите од слободни удари, бргу беше прогласен за голем талент. На 17 години беше проценет на 12 милиони евра, а стана и најмладиот репрезентативец во историјата на Велс.

Во мај 2007. година Тотенхем го купи за 8 милиони фунти, но кариерата не му се одвиваше по нагорна линија како што сите очекуваа. По серија повреди, Бејл го загуби првотимскиот статус, а ја загуби и довербата кај тренерот Реднап кој го критикуваше дека повеќе време и посветува на фризурата отколку што се грижи за играта на теренот.

Во 2009. година, Бејл одигра 24 натпревари во серија во кои Тотенхем ниту еднаш не победи. Бејл го сруши црниот рекорд на Премиер лигата и стана симбол за лоши резултати, а навивачите и медиумите го сметаа за невиден малер.

Тренерот Реднап му помогна да ја прекине црната серија кога го внесе во игра во 84. минута од натпреварот против Барнли кога Тотенхем веќе имаше сигурно водство од 5:0.

Бејл конечно го разби малерот и го почуствува вкусот на победата по 24 натпревари и овој момент како да беше пресвртница во неговата кариера. Тој пополека си го врати првотимскиот статус, а Реднап го форсираше повеќе кон нападот. Велшанецот го предводеше Тотенхем до првото учество во Лигата на шампиони во 2010. година и си заработи нов договор.

Целиот свет слушна за Герет Бејл со неговите неворојатни изданија на дуелите против Интер, вклучувајќи го и хет-трикот на Џузепе Меаца.

Тотенхем тврдоглаво ги одбиваше понудите од поголемите тимови, а Бејл си ја заработи и наградата за најдобар фудбалер за 2011. година во Англија.

Но тој полека почна да го надраснува својот тим. Минатата сезона со неговите 21 гол тој му помогна на Тотенхем да освои 22 поени, но тие сепак не успеаа да завршат на првите четири места кои водат во Лигата на шампиони.

Шест сезони без трофеј во еден тим беа премногу за играч од класата на Герет Бејл. По многу одолговлекување, Реал Мадрид конечно успеа да се договори со управата на Тотенхем.

Најголемиот баксуз кој пред четири години за малку ќе беше продаден во Бирмингем како пропаднат талент за само 3 милиони евра, стана најскап играч во историјата на фудбалот со рекорден трансфер од 100 милиони евра.

2 септември 2013 - 09:35