Најголемата победа во историјата на Хрватска

Оваа златна генерација на Хрватска потсетува на онаа од 98-ма, на која е блиску да и го повтори или можеби надмине историскиот успех од пред 20 години. Легендарниот Чиро Блажевиќ раскажува какво било неговото и лицата на неговите херои во соблекувална, кои го урнаа Европскиот првак со 3:0.

Светското првенство во Франција 1998 буди посебна емоција и носталгија кај секој хрватски навивач, бидејќи имаа состав за почит кој докажа дека може да освои медал на најголемата светска фудбалска сцена.
 
Во група со Аргентина, Јамајка и Јапонија, Хрватите освоија 6 бода, потоа во осминафинале со голот на Шукер од пенал ја елиминираа Романија и на денешен ден 4-ти јули 1998-ма го одиграа веројатно најголемиот меч откако имаат репрезентација.
 
Капитулираше ни помалку ни повеќе една Германија која на тоа Светско отпатува како актуелен првак на Европа. Селекција со ветерани предводена од 37 годишниот Матеус, во напад со 34 годишниот Клинсман, во одбрана со Колер (33), потоа играчот од среден ред Хаслер (32), џокерот во напад Кирстен (33), како и првотимецот Бироф (30).
 
 
Чиро на тој меч се реши за формација 3-5-2. На голот Ладиќ, во одбрана Шимиќ, Штимац и Билиќ, среден ред со Станиќ, Јарни, Солдо, Асановиќ и Бобан и во напад Валовиќ и Шуќер. Од клупа влегоа Просинечки и Јурчиќ.
 
Селекторот Чиро Блажевиќ во свој стил раскажува како ја спремал тактиката.
„Поминав цела ноќ размислувајќи за теоријата. Имав проблем со Бироф, бидејќи немав играч кој би можел да го добие во воздух. Идејата ми беше да ги спречам нафрлувањата за него. Тоа утро човекот кој беше со мене ми рече дека ме барал Туѓман. Чиро мораш да победиш, ми рече претседателот. Веќе бев на пат кон соблекувална со својата теорија во глава, а таму имаше многу огледала. Се погледнав и бев некако зелен, па си помислив: О боже, зарем ќе умрам?
 
Заминав во просторијата каде ме чекаа играчите, имав сè нацртано на хартија, но не можев да почнам да зборувам. Едноставно мислев на тоа да не умрам. Ги погледнав играчите, во соблекувална беше потполна тишина и по неколку моменти видов и дека и тие се зелени како мене. Зборував 7-8 минути, а потоа знаев дека не можам да го задржам нивното внимание толку долго. Беа се по зелени и зелени, го згужвав листот со теоријата и го фрлив.
 
Поминаа 7 минути, а јас ништо не им кажав од тоа што го напишав. Батали теорија. Само им реков: Денес мора да излезете на терен и да изгинете за хрватското знаме и за сите оние кои ги дадоа своите животи. Каков Бироф, какви бакрачи. И победивме 3:0. Морате да ја знаете психологијата на играчите. Треба да имате таков однос со вашиот тим, за да можете да ја пренесете состојбата на вашата душа“.
 
 
Роберт Јарни, Горан Влаовиќ и Давор Шуќер ја потопија големата Германија, а на стадионот во Лион се скандираше „Deutschland, Deutschland, auf wiedersehen“.
 
По мечот беше вистинска лудница, луѓето пиеја и скокаа во море, колони автомобили имаше по градовите. Тоа беше време на голема сложност. Немаше поделби и никој не зборуваше за политика“, пишуваа хрватските медиуми.

4 јули 2018 - 14:24