
Македонските одбојкари ја остварија целта и со две победи во групна фаза се пласираа во првото историско 1/8 финале на Европско првенство. Со поразот од Чешка во последното коло од групите, Македонија не можеше да го избегне дуелот со најсилните.
Италија со максимални 5 победи, 14 поени и само 2 загубени сет ја освои групата и сега пред преполна сала како домаќин ќе ги пречека нашите одбојкари. Капитенот Ѓорѓиев, Љафтов и останатите во глас изјавија дека одат таму да уживаат во амбиентот и да се обидат да му ги помрсат сметките на гигантот кој тргна кон одбрана на златото.
Италијанците се во голема форма, играат страшна одбојка и веќе го меркаат ривалот во четвртфинале. Но спортот е затоа убав, затоа што не секогаш победува посилниот.
Во 20:45 истата вечер, во сабота во Скопје разнишната фудбалска селекција на Македонија без Стефан Ристовски кој крена раце од репрезентацијата, ќе ја пречека Италија.
Аѕурите, актуелни европски прваци доаѓаат во Македонија со нов селектор, шампионот со Наполи од Серија А, Лучано Спалети.
Италијанците повторуваат дека сме им најголем должник поради тоа што ги победивме среде Палермо со еврогол на Трајковски поради што останаа без второ Светско првенство по ред.
Спалети доаѓа на место на Роберто Манчини кој замина да ја води Саудиска Арабија за астрономски милионски договор.
Довчерашниот тренер на Елиф Елмас во Наполи, не направи големи промени во составот во однос на оној кој играше со Манчини.
За двомечот со Македонија и Украина, Спалети повикал 29 фудбалери:
Голмани: Џанлуиџи Донарума (ќе игра јубилеен 55-ти натпревар за Италија), Алекс Мерет, Иван Проведел, Гиљермо Викарио.
Одбрана: Алесандро Бастони, Кристијано Бираги, Николо Казале, Матео Дармијан, Џовани Ди Лоренцо, Федерико Димарко, Џанлука Манчини, Алесио Ромањоли, Џорџо Скалвини, Леонардо Спинацола.
Среден ред: Николо Барела, Брајан Кристанте, Давиде Фратези, Мануел Локатели, Лоренцо Пелегрини, Матео Песина, Сандро Тонали.
Напад: Федерико Киеза, Вилфред Њонто, Чиро Имобиле, Матео Политано, Џакомо Распадори, Матео Ретегуи, Матиа Ѕакањи, Николо Ѕаниоло.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Спалети ќе остане доследен на својата формација 4-3-3 и останува да се види за кој состав ќе се одлучи во сабота.
После 3 одиграни натпревари Македонија има 2 порази и 1 победа, 3 бода и гол разлика 4-11. Италија одигра само 2 меча досега и има 1 победа и 1 пораз (од Англија) и е трета во групата зад Англичаните и Украинците кои имаат натпревар повеќе.