Мурињо објави фотка со Пандев и го нарече „македонскиот крал“

Македонската легенда беше дел од спектакл во Букурешт каде се одигра натпревар меѓу селекцијата на Романија 1994 и Тимот на светот. Стрелци за гостите беа Пандев и Ривалдо.

Пандев беше во Тимот на светот предводен од Жозе Мурињо заедно со Стоичков, Савиола, Нуњо Гомеш, Ривалдо, Литманен, Карагунис, Панучи, Мајкон, Коуто, Ѓукиќ, Дида, Фреј...

За репрезентацијата на Романија која стигна до четвртфиналето на Мундијалот во САД 1994 настапија легендарниот Ѓорге Хаџи, како и Попеску, Димитреску, Лупеску, Дан Петреску, Пруена, Виореал Молдован...

„Навистина бев пријатно изненаден за поканата и сакам да упатам благодараност до романската фудбалска легенда Ѓорге Хаџи. Чест ми беше да играм на еден таков голем натпревар со толку многу легенди. Ова е потврда дека фудбалот обединува. Фудбалската магија не познава години, граници, боја и раса, туку спојува“, рече Пандев.

Пандев и Ривалдо беа стрелци против златната генерација на Романија која славеше со 3:2 со головите Пандуру, Хаџи и Галка.

Ревијалниот меч се одигра пред скоро 55.000 гледачи, а Мурињо објави стори со Пандев и го нарече „Македонски крал“.

 
26 мај 2024 - 08:05