Во тетратка по математика која во школо ни бараа да биде по коцки, овој вљубеник во фудбалот водел евиденција за Светското првенство кое го паметиме по Бразил, Роналдо, неговите голови, но и лошата фризура која повеќе никогаш не ја повтори.
Зборуваме за Мундијалот на кој уште во прва групна фаза беа шокирани бранителот на титулата Франција, Аргентина, Португалија, Хрватска.
Мундијалот на кој домаќинот Јужна Кореја во нокаут фаза ги исфрли Италија и Шпанија, а Гатузо ќе го тепаше судијата поради контроверзните одлуки. Мундијалот на кој Турција заврши на третото место.
Читателот држи во фиока спомен на кој месец дена мераклиски запишувал резултати и табели, но и ги боел знамињата на селекциите од осминафинале па до крај за поубаво да го личи тоа што го сработил.
Сè е поткрепено со инфо. Датуми и саатници на натпревари, стрелци, пенали, имиња на градови и стадиони, капацитет на публика.
Бришете прашина, фрлајте стари работи, ама тетраткава не му ја пипајте. Не проаѓа муабетот „Што ќе ти е, имаш сè на интернет?“.
Со љубов е правена, рачно.