Му бил капитен и цимер на Лука Модриќ, а сега е келнер

Силвио Чавриќ, некогашниот најголем талент од генерацијата на Лука Модриќ, поради повреда морал да ја прекине кариерата и да почне да се занимава со угостителство. Со Мамиќ има доживотен договор да му дава петина од платата што и да работи.

Силвио Чавриќ освен што е еден од омилените горички келнери, тој е и еден од ретките келнери кој има своја страница на Википедија и тоа од неколку пасоси. Но во неа не се зборува за неговата келнерска, туку за неговата фудбалска кариера која била и повеќе од солидна.
 
Овој хрватски фудбалер е роден во јули 1985. година но цели пет години не одиграл официјален меч поради сериозната повреда на ’рбетот. Од таа причина тој престанал со фудбалот. Работи како келнер и е среќен со тоа, иако многу се напатил додека сфатил дека фудбал веќе за него нема.
 
За разлика од многуте поранешни фудбалери кои отвораат кафулиња, ресторани или клубови, Силвио Чавриќ работи како келнер во кафуле во Велика Горица. Додека многу гости на телевизија ги гледаат некогашните колеги на Силвио, никој не помислува дека пиво им донел некогашниот голем талент на Хрватска и Динамо Загреб.

Во моментот кога Лука Модриќ го постигна евроголот против Турција на ЕП 2016, Силвио носел кафе.
„Игравме заедно во Динамо, дојдовме отприлика во исто време, тој од Задар, јас од Пула и буквално веднаш се најдовме. Живеевме заедно цели шест месеци. Тој, јас и Марко Чирјак, уште еден соиграч од таа генерација“, раскажува Силвио за порталот CityPortal.hr.
Од тие денови, недели и години во младинските категории на Динамо Загреб и репрезентацијата на Хрватска помина многу време.

„Сега звучи малку смешно, човекот игра во Реал Мадрид и носи број 10, но имам фотографија на која сме во дресот на репрезентацијата заедно. Јас со капитенска лента на раката, а тој веднаш до мене. Чудно е тоа да се гледа од оваа перспектива", раскажува Чавриќ кој е роден во Сисак.

Силвио сега има 31 година, а фудбалската кариера морал да ја заврши поради болките во грбот. Додека играл за Интер Запрешиќ на еден меч добил сериозен удар со ѓон во грб и од тогаш никогаш не бил стариот Силвио.

„Во еден момент сфатив дека веќе не може. Тогаш играв во Албанија и се вратив во Загреб каде пробав да ги решам болките со алтернативни методи. Но кога лекарите ја видоа сликата, јасно беше дека морам на операција. Имав два пукнати диска во кичмата кои ми го наттиснуваа нервот", се сеќава поранешниот цимер на Лука Модриќ.

Парите заработени во Динамо ги трошел попат, а оние од Албанија ги дал на операции и контроли. Тешко ги поднел првите 12 месеци после „пензионирањето" и морал да најде работа. Почнал со осигурување, не се нашол во тоа и на крајот му се допаднало да работи како келнер.

Неговата кариера би отишла во поинаков смер ако во договор со мајка му ја прифатил понудата од Баерн Минхен вредна 200.000 марки за три сезони. Но за време на еден меч во репрезентацијата го видел стариот лисец Здравко Мамиќ, кој ја убедил мајка му дека ќе му биде поубаво во Динамо, близу до неа.

Во Загреб дошол од Пула а неговиот тогашен тим барал неверојатни 500.000 марки. Мамиќ немало шанса да ги плати тие пари за 15-годишно дете па ја спуштил цената на 80.000 марки и Силвио Чавриќ стигнал на Максимир.

„Уште бев дете, доаѓаш како падобранец, никого не познаваш, а во Динамо сите се веќе „фаци". Јас доаѓам како мал сељак од Истра и во прво време ме шиканираа. На почетокот ме сместија во стан со Едуардо да Силва и Патрис Кведи. Два месеци делев соба со Дуду кој не ми остана во убаво сеќавање", открива Чавриќ.

Зошто?

„Ме шиканираа двајцата кога дојдов, поготово Бразилецот. На пример не ми даваше да ги ставам работите во плакар. Со Кведи после некое време се зближив, знаевме и да излеземе, но со Едуардо (екс Арсенал сега Шахтјор) никогаш. Тој со сите играчи беше на дистанца", додва поранешниот талент на Динамо Загреб.

Иако животните и фудбалските патишта им отишле во потполно спротивни насоки, Силвио вели дека се слуша со Модриќ.

„По што го памтам? По педантноста. Сите свои работи секогаш уредни ги диплеше, точно се знаеше што каде му стои. Или на пример кога ќе се напиеше сок веднаш ја носеше чашата, ја миеше, ја бришеше и ја ставаше во кујна. Го нервираше тоа што ние двајца не сме такви. Дури и надвор од теренот беше поинаков. Често знаевме да излеземе после натпреварите, да се напиеме нешто, и Лука доаѓаше со нас, но секогаш имаше граница. Како дете беше голем професионаелц, потполно посветен да стане фудбалер. И затоа стана тоа што е денес. Не се сеќавам кога сум го видел пијан, а сме излегувале многу пати", продолжува Силвио Чавриќ.

Поранешниот фудбалер се сеќава и на зезалиците со неизбежниот владетел од сенка во хрватскиот фудбал, Здравко Мамиќ кој тогаш му бил менаџер иако првиот договор бил спорен, па Чавриќ како Едуардо и многу други морал да одвојува 20% од платата и да му дава на Мамиќ.

„Потпишав граѓански договор со него во кој пишува дека за него одат 20% ако се продадам. Од секоја моја плата за него оди петина. Тој договор е потпишан на доживотно, не е прекинат и уште постои. Треба да му се јавам да го прашам кога ќе земе дел од мојата плата во „Добар ден". Ќе го пратам кај Жац да се договорат", со насмевка ја затвора приказната Силвио Чавриќ, несудениот познат европски фудбалер а денес тренер на децата во НК Студеник.

Via: CityPortal.hr