Со легнати импресии и сумирани впечатоци, Игор Ангеловски во емисијата „Еден на еден“ зборува за историскиот успех на македонската репрезентација, како и за сплотеноста и хемијата во тимот која ја створил изминативе пет години како селектор.
На тој историски успех, му претходеше клупски со Работнички кога неколку месеци пред да стане селектор, успеа да го урне Трабзон во третото квалификациско коло за Лига Европа, тема на која исто така ќе поразговараат.
Но муабетот се разбира најмногу го водат за репрезентацијата со која имал јасна цел што сака да постигне и од каде да почне. Појдовна точка му бил летот за Џенова и кам бекот на човекот кој го постигна историскиот гол. Капитенот им одржал емотивен говор на играчите.
Прв ден како селектор?
„Одиш кај Горан Пандев, затоа што две години не настапуваше за репрезентација. Причините си ги кажа, не му се допаѓаа некои работи кои беа поврзани со репрезентацијата. Даде знак дека треба да се променат тие работи и репрезентативците да бидат по почитувани од тие што се најблиску, а тоа е нели федерацијата. Бев во Италија на разговор да му го претставам мојот проект и кога му кажав како планирам да се одвиваат работите, на општо задоволство прифати и со Грузија го даде клучниот дел“.
Што значи Пандев?
„Пандев е фудбалер со кој сите сакаат да играат со него. Да им подели совет и критика, тоа е човек што освои се. Доволно е само да ви го кажам примерот со мечот против Израел кога рускиот судија се ракуваше со него и му побара дрес, бидејќи неговите деца биле фанови на Интер. Така што Горан е светско фудбалско име и најголем репрезент на нашата држава. Неговото присуство во хотел и до играчите и сите останати што се во репрезентацијата многу значи“.
„Искрено најголема желба ми беше бидејќи кога рече дека не игра повеќе за репрезентација некои се дрзнаа и да го критикуваат. Сакав да му кажам дека е премногу големо име на таков начин да се одјави од репрезентацијата. Горан преголем си за вака да си заминеш. Ти треба да се одјавиш на ЕП. Јас ќе го терам да игра и после ЕП. Живее спортски живот и ако сум уште селектор ќе направам се да го убедам и понатаму да биде дел од репрезентацијата“.
Пандев побарал збор пред финалето:
„На мечот со Грузија, ретко кога го побарал тоа, откако јас зборував, рече сакам јас нешто да кажам. Навистина имаше говор кој допре до сите емотивно. Во кратки црти ќе го цитирам:
Дечки ова можеби ќе биде мојот последен натпревар, но тука запознав навистина прекрасни луѓе со кои поминав одлично време и би сакал да се пласираме на Европско првенство. До колку не успееме ова ќе биде најверојатно мојот последен меч, на што соблекувалната реагираше е нема да ти биде последен натпревар. Одиме сите заедно на Европско“.
Делот за Пандев почнува на 21:16