Во рамки од 7. коло од квалификациите за Европско првенство 2024 Македонија вечерва ѝ гостува на Италија од 20:45.
Според состојбата на табелата нашите фудбалери речиси и да немаат шанси за нов голем пласман на Европско првенство, а во исто време и Италија виси.
Прва на табела е Англија со убедливи 16 бода (5 победи, 1 нерешена) и веќе е пласирана во Германија. Втори се Украинците со 13 бода и меч повеќе, Италија е трета со 10 бода и меч помалку, Македонија е четврта со 7 бода и меч помалку.
Пред вечерашниот дуел селекторот Благоја Милевски може да биде задоволен од формата на репрезентативците. Во изминатите неколку недели стрелци за своите тимови беа шпицот Бојан Миовски, Елиф Елмас, Енис Барди, Александар Трајковски, ударните носители на нашата игра кои вечерва би можеле да го совладаат и одличниот Донарума.
Македонија е комплетна, сите повикани се во добра состојба и спремни за мечот.
Кај Италијанците поради повреди и суспензии од репрезентцијата отпаднаа Бастони, Толои, Калабрија, Камбијасо, Тонали. Дополнително повикани се Џанлука Манчини од Рома и Карнезеки од Аталанта.
Италијанскиот печат најмногу очекува од центарфорот и крилен напаѓач на Наполи Џакомо Распадори кој исто е во добра форма, но и од Барeла, Берарди и Кијеза.
МАКЕДОНИЈА ИМА УБАВИ СПОМЕНИ ОД ИТАЛИЈА
Во квалификациите за Светско првенство 2018, Македонија и пружи голем отпор на Италија во Скопје во 2017-та кога водевме на два пати а аѕурите на крај во самиот финиш извлекоа победа со гол на Чиро Имобиле.
Центарфорот на Лацио беше прецизен и на последниот меч игран во Скопје на 9-ти септември годинава, но Енис Барди тогаш донесе огромен бод со прекрасен гол од слободен удар во 81’ минута.
Претходно историски е дуелот во Палермо кога во полуфинале од баражот за Светско првенство ги победивме Италијанците со прекрасен гол на Александар Трајковски во самата завршница за конечни 0-1 кои го шокираа фудбалскиот свет.
Со аѕурите имаме и 1-1 од Торино во квалификациите за СП 2018 кога исто Алекс Трајковски го совлада тогаш Буфон.
Пред вечерашниот меч едно е сигурно, Македонија знае како да игра со Италија, особено на тешките гостувања. Вечерва на „Олимпико“ се очекува полн стадион, сите карти се продадени а Италија ќе се обиде со победа да остане во игра за пласман на Европско првенство. Во последното коло Македонија ја чека Англија а Италија ќе игра со Украина во Прага.