Можат да им ги купуваат најдобрите, ама не можат да им ја земат душата

Знаете ли кој е прв во Германија, со еден пораз и со најмалку примени голови? Не е Баерн, туку клубот кој најмногу му пркоси на Баерн и кој никогаш не падна во криза и во очај и покрај тоа што им ги разграбаа најдобрите.

Читајте сега внимателно:

МАРИО ГЕТЦЕ – 37 милиони евра во Баерн Минхен, сезона 2013/2014

МАТЦ ХУМЕЛС – 35 милиони евра во Баерн Минхен, сезона 2016/2017

ХЕНРИК МИХТАРИЈАН – 42 милиони евра во Манчестер Јунајтед, сезона 2016/2017

ИЛКАЈ ГУНДОГАН – 27 милиони евра во Манчестер Сити, сезона 2016/2017

ОСМАН ДЕМБЕЛЕ – 115 милиони евра во Барселона, сезона 2017/2018

ПЈЕР ЕМЕРИК ОМАБЕЈАНГ – 64 милиони евра во Арсенал, сезона 2017/2018

АНДРИЈ ЈАРМОЛЕНКО – 20 милиони евра во Вест Хем, сезона 2018/2019

КРИСТИЈАН ПУЛИШИЌ – 64 милиони евра, сезона 2018/2019

Овие најзвучни заедно со другите помали трансфери, само во последните пет години на Борусија Дортмунд му донесоа речиси 500 милиони евра. 500 МИЛИОНИ. Која пара е тоа.

Во Германија во моментов се лидери на табела со 6 бода повеќе од најбогатиот и најмоќниот Баерн Минхен, а во ЛШ се пласираа во топ 16 први на табела.

Милионерите викендов славеа на тешкото гостување против Лајпциг и единствениот пораз оваа сезона во Бундес по 18 кола им е од Фортуна Дизелдорф на 18 декември.

Колку и да продаваат, односно да им ги купуваат најзвучните фудбалски имиња, тие повторно вадат таленти, спремни да се носат со посилните, а потоа и со евентуален трансфер да им извадат нов финансиски ќар на клубот

Борусија Дортмунд може да утне една сезона или еден играч, но не и концептот на функционирање. Се работи за клуб со менталитет каде цветаат програмата на функционирање, организацијата, скаутингот. Ќе си замине јак, ама ќе дојде друг млад и перспективен играч.

Се работи за клуб кој секогаш е компетитивен и од кој може да учат другите како се работи.

На крајот, кога имаш вакви навивачи како нивните, сè е полесно. Ги има секаде, секогаш и во огромен број. Игла нема кај да фрлиш кога игра Борусија.

21 јануари 2019 - 13:07