Романскиот тренер Мирчеа Луческу пристигна во Доњецк во 2004-та година и од тогаш го предводеше Шахтјор до шест титули во првенството, четири национални купови и УЕФА купот во 2009-та година.
Во исто време Роман Абрамович најми и отпушти седум тренери на Челси. Шахтјор не само што не ги менува тренерите многу често, туку тие го имаат и најконстантниот состав во Европа. Челниците на клубот, предводени од најбогатиот Украинец, Ринат Ахметов долго време го градат тимот задржувајќи ги своите ѕвезди.
Од шампионскиот тим кој во 2009-та година во финалето на УЕФА купот го победи Вердер Бремен со 2:1, во првиот тим на Луческу се уште играат девет првотимци. Колку за споредба, Вердер има само двајца фудбалери кои играа на тоа финале пред три години.
Капитенот Дарио Срна е таму скоро 10 години. Од 2003-та година во тимот е Романецот Разван Рат, а Томаш Хубшман пристигна во 2004-та година. Шахтјор успеа да ги задржи и Бразилците и покрај тоа што за нив постои огромен интерес од големите клубови. Плејмејкерот Вилиан и напаѓачот Луиз Адриано се во тимот од 2007-та година, а Фернандињо, стрелецот на вториот гол против Челси игра за Шахтјор веќе осум сезони.
Но тоа не значи дека Шахтјор не купува нови фудбалери. Тие купуваат ретко, но квалитетно. 22-годишниот Алекс Тешеира кој беше стрелец против Јувентус и Челси пристигна во 2010-та година заедно со Даглас Коста, а следната година им се приклучи и Дентињо. Во 2010-та година Шахтјор го доби и најголемото засилување во името на Ерменецот Хенрих Мхитарјан кој оваа сезона на 12 натпревари постигна 14 голови.
Одличното стратегија и функционирање на клубот ги дава и своите резултати. Оваа сезона по 12 кола во украинската лига Шахтјор има 12 победи.
Можеби ќе речете дека украинската лига не е доволен показател за силината на еден тим, но фудбалерите на Шахтјор својата моќ ја покажаа и во Лигата на шампиони. На почетокот на овој месец тие го заслужено ремизираа на гостувањето кај италијанскиот шампион, а синоќа го надиграа и европскиот првак. Екипата на Шахјор не е поразена во сите натпреварувања веќе 11 месеци.