Постојат ли услови Светското првенство во Катар да се одржи без ризик играчите да поцркаат од горештина? Дали е Катар модерна робовласничка држава? Одговорот на главното прашање зошто Катар воопшто сака да го организира СП лежи во документот којшто е објавен во платформата International Journal of Sport Policy and Politics.
Автор на студијата е Даниел Рајке, професор по политички науки на американскиот Универзитет во Бејрут, во моментов предавач на Харвард. За Рајке, ова прашање задира далеку од спортот: Зошто Катар, во кој живеат 2 милиони жители, од кои само 10 отсто се државјани на оваа земја, троши милијарди долари не само на фудбал, туку и на спортот генерално?
Постојат многу докази дека ФИФА е навистина корумпирана до сржта, како и докази дека ФИФА влијаела на гласањето за Катар да ја добие организацијата на СП во фудбал. Крајно високите температури во Катар се добро познати, како и ужасните услови во кои работат сезонските работници.
Повеќе од сто работници веќе умреа во нехуманите услови на катарската пустина додека работеа на изградбата на новите објекти за потребите на Мундијалот. Зошто Катар воопшто сака да организира Светско првенство е интересно прашање, пред сè ако се има во предвид како изгледа животот на обичниот државјанин на оваа земја.
Катар е една од најбогатите земји на светот по глава на жител. Буквално никој од Катарците не си оди од земјата, а странските работници работат секакви работи пред да решат да се вратат дома. Меѓу Катарците практично и да не постојат никакви политички, религиски или културни разлики.
„Доколку Катарците се толку хомогени, задоволни од животот и ако постои политики на вклучување на странците во друштвото, не постои причина да се вложува во спортските успеси како оружје за интеграција и обединување на луѓето, кои низ спортот би се обиделе да ја разбудат националната гордост“, вели Рајке.
Ако одвоите една минута и на Гугл мапите погледнете кај е Катар, ќе видите дека од север преку Персискиот залив е Иран, од запад е Саудиска Арабија, и тие две држави не се егзистенцијална закана за Катар, но двете се многу поголеми, како во географска, така и во воена смисла. Меѓу другото, не помина долго откако една голема персиска нација, Ирак, изврши инвазија на малата нафтена земја, Кувајт. Катарците знаат дека не постојат пари кои можат да ги потрошат за да имаат еднакво силна војска како и нивните соседи.
Наместо платена војска, Катар бара заштита со тоа што ќе стане неизоставен играч. Катар можеби никогаш нема да биде најголем играч, но сака да стане најгласен, најпаметен. Луѓето сакаат спорт, а спортот е поле на кое Катар сака да се наметне. Катар се обидува да стане спортски рај и тоа е стратегијата што оваа земја се обидува да ја истурка одамна. Според професорот Рајке, од 1988. година, Катар бил домаќин на 85 големи спортски настани.
Од тие натпреварувања Катар има и корист. Државата вложи многу пари во инфраструктурата и паралелно градеше нови стадиони. Стадионите се горе-долу за еднократна употреба, но инфраструктурата не е. Здравјето исто е голем проблем за Катарците, затоа што СЗО го стави Катар на 17. место по стапката на дебелеење, вели Рајке.
Сепак, правиот мотив кој стои зад катарските инвестиции е зголемувањето на влијанието на оваа земја на светско ниво. Тоа е национална стратегија, која што е силна и надвор од спортот. Ал Џазеира и Катар Еирвејс, како и големиот број на конференции и конвенции на кои Катар е домаќин, многу го зголемуваат гласот на една мала држава.
На 15. јануари следната година во Катар започнува и ракометното СП, на кое учествува и нашата земја.