Минимален пораз на Македонија во Украина

По трите бода освоени против Луксембург, македонските репрезентативци вечерва не ги искористија шансите во дуелот против Украина, која го казни промашувањето на Адис Јаховиќ во првиот дел. Домашните не реализираа пенал, а нашите неколку зрели шанси.

Во вториот натпревар за само 3 дена, македонските фудбалери не успеаа да остварат поволен резултат, за кои имаа реални изгледи, особено во второто полувреме. Иако игравме без првотимците Даниел Мојсов, Агим Ибраими и Мухамед Демири, селекторот Бошко Ѓуровски одлучи да истрча со два напаѓачи, Бесарт Абдурахими и Адис Јаховиќ.

По воведниот притисок на Украина, „црвено-жолтите“ се ослободија и создадоа неколку шанси, од кои најзрела беше онаа на Адис Јаховиќ во 21-та минута кога остана сам пред Пјатов, но шутираше директно во украинскиот голман.

Следуваше блага иницијатива на Украинците, за да во последната минута од првото полувреме, на македонските фудбалери им падне концентрацијата, по што на 30. секунди до паузата Украина поведе со 1:0 преку Серхеј Сидорчук. Со тој резултат се замина на полувремето.

Стартот на првиот дел донесе нов малер по нашата репрезентација, затоа што по само една минута, дебитантот Александар Дамчевски од НАЦ Бреда направи пенал, кој за среќа не го реализираше Конопљанка.

Тој момент ги охрабри македонските фудбалери, кои до крајот на натпреварот играа на половината на Украина, но без реализација на шансите, кои ги имаа Бесарт Абдурахими, Јован Костовски и Ванче Шиков. За одличниот настап на Македонија говори и податокот што нашите изведоа 11 корнери и имаа 7 шута во рамките на украинскиот гол.

Впечаток е дека македонските репрезентативци одиграа добар натпревар, против подобро рангирана селекција и сигурно дека солидната игра ќе биде дополнителен потстрек за понатамошниот тек на квалификациите и дуелот против Словачка, во Скопје на 15-ти ноември.

Квалификации за ЕП 2016:

ГРУПА Ц:
Украина - Македонија 1:0
/Сидорчук 45'+2/

Луксембург - Шпанија (20:45)
Белорусија - Словачка (20:45)