Милан шокиран, Интер и Наполи стартуваа победнички

Кошмарен почеток на новата сезона за Милан откако беа поразени на домашен терен од повратникот во Серија А, екипата на Сампдорија. Интер, Наполи и Лацио забележаа победи како гости, а Рома само ремизираше со Катанија.

Судејќи по стартниот состав на денешниот натпревар и по активноста на трансфер пазарот ова лето, тогаш можеби вакви резултати од Милан оваа сезона и нема да се сметаат за изненадување.

Сампдорија беше подобра и во првиот дел, а во 59-та минута дефанзивецот Кошта го постигна одлучувачкиот погодок. Милан до крајот се обиде со сите напори да постигне израмнувачки гол, а во последните моменти фудбалерите на Сампдорија на два пати ја исфрлуваа топката од пред гол линијата, но нивната мрежа сепак не се затресе.

За разлика од Милан, градскиот ривал Интер стартуваше со рутинска победа над уште еден повратник, екипата на Пескара која се врати во Серија А по пауза од 20 години.

Стрелци на головите за Интер беа Весли Снајде, Диего Милито и Коутињо.

Наполи без суспендираниот Горан Пандев ја започна сезоната со многу важна победа на гостувањето кај Палермо со головите на Хамшик, Маџо и Кавани.

Победа во првото коло на гостувањето кај Аталанта забележа и Лацио, а Рома со гол во 90-та минута се спасуваше против Катанија.

26 август 2012 - 22:57