После историски успеси, победи и славја, некогашниот клуб Австрија Салцбург западнал во сериозна, драматична финансиска криза. Тој пат е познат на многу клубови, кога ќе се оди на работ на провалија.
Во ситуација кога управата, навивачите, фудбалерите, јавноста барала спас за Австрија Салцбуг, рака на помош им пружил милијардерот Дитрих Матешиц, сопственик на гигантот Ред Бул кој почина лани во октомври 2022-ра година.
Дитрих Матешиќ многу сакал фудбал и сонувал еден ден да влезе и во овој спорт, преку неговата светски позната компанија.
Тогашниот прв човек на Австрија Салцбург, Руди Куенбергер како и навивачите не биле свесни што ги чека. Поддршк на целиот план за спас на клубот дал и големиот Франц Бекенбауер, инаку голем пријател на Дитрих Матешиц.
Но како што одминувале разговорите, состаноците, средбите, станувало јасно дека намерата на Ред Бул е многу поинаква. Сакале во целост да го изменат клубот и практично да избришат сè што дотогаш постоело како симбол на Австрија Салцбург.
Навивачите кога сфатиле каде лежи зајакот, се кренале на протести, но се било залудно. Договорот бил потпишан, Ред Бул со силен капитал влегол во клубот. Набргу била сменета бојата од традиционална виолетова во црвено-бела. Сменет били и деценискиот грб, а капка која што ја прелила чашата била ироничната понуда од новиот сопственик: виолетова боја може да има, ама на штуцните на голманот.
Тоа ги разгневило навивачите уште толку, но приказната веќе била готова. Австрија Салцбург на 13 јуни 2005-та и официјално станала Ред Бул Салцбург со нови газди, нови бои, нов грб, ново сè.
Името на спонзорот во името на клубот не било нешто ново ниту во Австрија ниту во Европа. Самиот клуб Австрија Салцбург едно време се викала Казино Салцбург, и тоа во сезоната кога стигнала до финалето на Куп на УЕФА во 1994-та година кога изгубиле од Интер.
„Таа компанија уништи голем дел од нашите животи. Ги исфрли боите. Избриша историја. Преговаравме со нив некое време и се што на крајот ни понудија беше да ги задржиме виолетовите бои на голманската униформа и тоа на штуцните. Сакавме да го задржиме нашиот клуб, нашата историја, нашите бои. Со таа компанија тоа не беше можно, па одлучивме да основаме свој клуб. Немавме ниту појма во што се впуштаме. Имаше и уште има многу многу работа, но прилично е забавно“, рекол член на одборот кој основал нов клуб односно го задржал стариот.
Во 2006-та бил формиран сопствен тим којшто го задржал оригиналното име Австрија Салцбург и тврдат дека е основан во 1933-та година кога и настанала правата Австрија Салцбург.
Интересно, во 78’ минута на секој натпревар на Австрија Салцбург која игра претежно во трета и четврта лига (сезонава се во трета), легендарниот тамошен навивач Франц Ксавер Агер се качува на платформа над подтрибинскиот тунел за играчите и поведува скандирање: Австрија Салцбург!
Времето го сметаат како 33’ минута од вториот дел односно 33 како година на основање на клубот (1933-та).
Ждрепката за Купот на Австрија (ОФБ) сезонава ги споила токму Австрија Салцбург и Ред Бул Салцбург. Тоа ќе биде прв дуел на овие две омразени страни. Многу нешта се смениле во изминативе 18 години.
РБ Салцбург стана хегемон во Австрија, на некој начин стана австриски Баерн Минхен, освои 14 шампионски титули и 9 Купа од 2005-та година. Доминираат тотално и ја освојуваат титулата без поголеми турбуленции.
Овој модерен клуб често пронаоѓа млади таленти ширум светот и од нив прави вистински фудбалски ѕвезди како што се Ерлинг Халанд, Садио Мане, Марсел Забицер, Дајо Упамекано и други.
Австрија Салцбург, пак, се вози со лифт низ австриските втора, трета па и четврта лига. Нема ни дел од богатството кое го има Ред Бул Салцбург, но ги има верните навивачи зад себе кои не забораваат на виолетовата боја.
Кога во месец јули се влечела ждрепката за почетна фаза на Купот на Австрија, Австрија Салцбург одбила да го користи името Ред Бул Салцбург во промотивните реклами и ги наведувала само иницијалите а логото го замениле со црн круг со скратеница РБС (Ред Бул Салцбург).
„Сите знаевме дека ќе дојде и тој ден и прилично сум сигурен дека многу навивачи се надеваа дека ќе ги извлечеме во Купот. Големи натпревари значат и враќање на главна сцена, нешто што не го добиваме така често во трета лига. Така што многумина од нас беа возбудени од жрепката. Ова без сомнеж е најголем меч во последните неколку години“, рекол Шуберт и додал: „Навивачите ќе се фокусираат само на одлична атмосфера. Ќе прославиме 90. годишнина од клубот неколку дена порано, на 13 септември“, така што септември ќе биде густ“.
Ред Бул пак може да се пофали дека направил многу за градот и за Австрија. Во 2014-та година РБ Салцбург доби најсовремена академија во Европа и помогна во создавање голем број фудбалери.
Во Европа играат исто фантастично со што го зголемуваат коефицентот на Австрија и можност оваа земја да има повеќе претставници во еврокуповите. Во 2018-та РБ Салцбург стигна до полуфинале на Лига Европа, а во 2022-ра дури до полуфинале на Лига на шампиони.
Главен актер на целиот процес беше и Ралф Рагник, човекот кој придонел за основање на академијата и кој едно време стана и тренер на Манчестер Јунајтед, а сега е селектор на Австрија.
Во вторник вечер во Гредиг, местенце близу Салцбург ќе се игра дербито кое таму се чека цели 18 години. Во втора рунда од Купот Австрија Салцбург ќе го пречека омразениот Ред Бул Салцбург.
Мечот ќе се игра на поголемиот стадион, Унтерзберг Арена која собира повеќе гледачи од стадионот на Австрија Салцбург. Ќе има дуел меѓу традицијата и модернизмот, меѓу сиромашните и богатите...