Марио Балотели пристигна во Милан во ланскиот јануарски преоден рок како големо засилување кое беше клучно за подигнување на атмосферата во клубот. По лошиот старт во првиот дел од сезоната, тој беше еден од најзаслужните што „Росонерите“ на крајот успеаа да стигнат до третата позиција во Серија А.
Но оваа сезона неговите квалитети се премалку за идентичен кам бек на клубот во зоната која носи излез во Европа. Тоа се должи на повеќе фактори, но има една интересна статистика поврзана за италијанскиот репрезентативец.
На Балотели не му оди против големите екипи од Италија, како и против силните противници на клучните натпревари од Лигата на шампионите. Податоците покажуваа дека од неговото доаѓање во Милан, постигнал само еден погодок против големите екипи.
Тој не успеал да стрела во миланското дерби против својот поранешен клуб, а ниту против Атлетико Мадрид и Барселона. Единствениот негов гол против големите екипи е оној против Наполи, но на реванш мечот против оваа екипа тој го расипа својот 100% учинок од 11 метри и го промаши првиот пенал во кариерата.