Македонски фудбалер станал јунак со соиграчи во Србија

Мартин Мирчевски (26) кој настапува за второпласираниот тим во српската Суперлига, ТСЦ, со неговите соигрчаи Антониќ, Чалушиќ, Филиповиќ и Ѓаковац се враќале од тренинг и возеле по магистралниот пат Суботица - Бачка Топола кога виделе страшен верижен судир предизвикан од песочна бура.

Мирчевски и неговите соиграчи од ТСЦ Бачка Топола набрзо излегле од возилото и ги застанувале сите возила кои надоаѓале па спречиле поголем хаос. 

Мартин Мирчевски е роден во Битола на 11-ти февруари 1997-ма година. Игра како лево крило и лев крилен напаѓач. Сезонава игра во одлична форма и има 6 гола и 2 асистенции на 14 меча. Интересно, неговиот тим ТСЦ од Бачка Топола во моментов е втор зад Црвена звезда и пред белградски Партизан.

Второто место во српската Суперлига од септември води во квалификациите за Лига на шампиони и носи најмалку групна фаза во Лига Европа, така што за оваа позиција сериозно конкурираат неколку тима.

Мирчевски кариерата ја почнал во матичниот Пелистер во родна Битола а подоцна преку Победа Прилеп и Беласица стигнува до Вардар. Во 2021-ва играше за Академија Пандев, а од јануари 2022-ра е член на ТСЦ Бачка Топола. Во моментов неговата вредност, според реномираниот Трансфермаркт изнесува 900.000 евра.

Мирчевски дебитираше за македонската сениорска репрезентација на 20-ти ноември лани во поразот 1:3 од Азербејџан во пријателски меч.

Интересно Мирчевски во септември минатата 2022-ра постигна хет-трик на меч против Колубара и станал прв фудбалер на ТСЦ кој дал три гола на еден натпревар. Поради тоа добил награда за најдобар играч на 11. коло во српската Суперлига.

Во интервју за сајтот Моцартспорт, Мирчевски раскажува за својата досегашна кариера и разликите меѓу српската и македонската лига.

29 март 2023 - 13:14