Дванаесетти ноември 2020 година со златни букви ќе биде испишан во аналите на македонскиот спорт.
МАКЕДОНИЈА ОДИ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО!
На континенталниот собир кој беше планиран за летово но од познати причини поради глобална пандемија беше одложен за следната 2021, Македонија ќе биде во супер група со гигантот Холандија, со Украина на Шевченко и со Австрија.
УЕФА веќе ги проектираше групите на Европско, се чекаа само натпреварите од плејофот за да се дознаат сите учесници. Веруваме дека до Европското ситуацијата со глобалниот вирус ќе заврши и дека животот ќе се нормализира па македонските фудбалери ќе ги бодрат илјадници навивачи од трибините.
Македонија ќе отвори на 13 јуни со дуел против селекцијата на Австрија на велелепната Arena Națională во Букурешт која собира 55.634 и е еден од најголемите европски стадиони.
Четири дена по отворањето, во 2. коло од Европското, на 17 јуни ќе играме против Украина која од клупата ја води легендарниот Андреј Шевченко. И овој меч ќе го играме во Букурешт.
3. коло на 21 јуни е предвидено за вистинска фантазија: Холандија на култната „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам која има капацитет од 55.000 гледачи.
Фото: Петр Стојановски/ФФМ