Македонија е во група со Франција, домаќинот Германија и Швајцарија и ќе има речиси невозможна мисија да освои второ место и да обезбеди пласман во следната рунда во која одат првите две селекции од секоја група.
Македонија на отворањето во среда од 18 часот ќе се судри со повеќекратниот светски, европски и олимписки шампион Франција и тоа за првпат во историјата на европските првенства, на голем фудбалски стадион кој за европското ракометно првенство е адаптиран со ракометен терен.
Стадионот „Меркус Шпин Арена“ во Дизелдроф има капацитет од 52.000 седечки места, на него игра фудбалскиот клуб Дизелдорф од втора лига и се очекува на отворањето на ЕУРО2024 да биде солидно исполнет.
The stage for the 𝒃𝒊𝒈𝒈𝒆𝒔𝒕 handball event is almost set 🤩 Can’t wait to see Merkur Spiel-Arena hosting more than 50.000 handball fans🔥🔝#ehfeuro2024 #heretoplay pic.twitter.com/WtQyzl0Gvv
— EHF EURO (@EHFEURO) January 7, 2024
Моменталниот светски рекорд за посетеност на ракометен натпревар датира од 6. септември 2014-та кога мечот од Бундеслига меѓу Рајн-Некар Левер и ХСВ Хамбург во франкфуртска Арена го следеле 44.189 гледачи.
Веднаш по нашиот дуел ќе играат Германија и Швајцарија од 20:45, селекции кои се во групата на Македонија и се очекува на тој меч да биде урнат светскиот рекорд во посета на еден ракометен меч.
Предвидувањата во Германија се дека стадионот за мечот на домашната селекција ќе биде исполнет до последно место. На Европското ќе има 24 селекции а ќе се игра во големи сали со капацитет од најмалку 12.000 гледачи. Дизелдорф ќе биде единствен град домаќин на натпревари и за Европско во ракомет и за Европско во фудбал летово.
Покрај Дизелдорф со „Меркур-Шпил-Арена“ која собира 52.000 гледачи, домаќини на ракометното Евро2024 ќе бидат уште и Манхајм со САП-Арена која собира 13.200 гледачи (групи Б и Е), Минхен со Олимпијахле која собира 12.000 гледачи (групи Ц и Ф), Берлин со Мерцедес-Бенц-Арена која има капацитет од 14.800 места (групи А и Д), Хамбург со Барклајс Арена има 13.300 места (втора фаза) и Келн со Ланксес Арена со 19.750 места (групна фаза и финални натпревари).
Македонија само првиот дуел го игра во Дизелдорф, а потоа се сели во Берлин каде ќе игра со Германија и со Швајцарија. За сите три меча се очекува пристојна поддршка од нашинците кои живеат во дијаспората ширум западна Европа но и од навивачи кои отпатуваа од Македонија за Германија специјално за Европското.
Стадионот во Дизелдроф во претходните недели бил претворен во ракометна арена, поставен е нов, модерен паркет и монтажни трибини околу кои ќе бидат дополнителни места покрај стандардните трибини.
Организаторите соопштија дека досега продале речиси 250.000 влезници за натпреварите по групи и се очекува ова Евро2024 во Германија да биде меѓу најпосетените досега.