Македонија со пораз ја заврши Лига на нации, Словенија убедлива во Скопје

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа прав дебакл во последново издание на Лига на Нации откако претрпе 6 порази на 6 натпревари. Последна бодовите од Скопје ги однесе Словенија која до врв ја наполни мрежата на црвено-жолтите. Следи бараж за опстанок во Б дивизијата.

За разлика од претходниот дуел со Шкотска во Глазгов каде конечно Македонија даде гол после речиси една година, селекторот Гоце Седлоски се реши да менува на едно место во тимот. На клупа остана Љупчо Дориев а на терен наместо него шанса доби Агон Елези.

Словенечкиот селектор Боштјан Цезар се одлучи за истите 11 кои славеа пред еден месец на дуелот во Љубљана.

Во првите 25 минути се играше отворен фудбал на двете страни, со шанси на Штурм, Елмас, Барди, но голманите мирно ги решаваа тие ситуации.

Во 29' минута Словенците поведоа: по асистенција на одличниот бек Жан Випотник Штурм одлично ја прими топката и го совлада Столе Димитриевски.

По голот на гостите Македонија јалово проба да израмни но до полувремето резултатот 0-1 не се смени.

Во вториот дел црвено-жолтите влегоа со тројна измена: Христијан Малески, Љупчо Дориев и Азер Омерагиќ влегоа на терен. Токму Дориев се обиде во два наврати да израмни но светската класа од голман Јан Облак ги одбрани неговите обиди.

Во 66-та минута Словенија ги казни пропуштените прилики на Македонија, па преку Давид Зец на втора асистенција на Випотник на мечот зголеми на 0-2. 

Во финишот, во судиското продолжение, во 90+1' минута играчот на натпреварот Данијел Штурм даде и втор гол за конечни 0-3 и убедлив триумф на Словенија над Македонија.

Во групата Е од Б дивизија, Швајцарија е прва со 16 бода (5 победи и 1 нерешена), Словенија е втора со 11 бода, Шкотска трета со 7 бода а Македонија четврта со 0 бодови, 15 примени гола и 6 порази на 6 меча.

За Македонија повторно да игра во Б-дивизија од Лигата на нациите, ќе ни следи двомеч со второпласираните екипи од Ц Лигата во натпреварувањето на УЕФА. Тоа се селекциите на Белорусија, Фарски Острови, Естонија и Кипар.

17 ноември 2026 - 08:26