Македонија остана на 98-та позиција на ФИФА ранг листата

Македонската фудбалска репрезентација подобро котира кога не игра. Минатиот месец имавме скок од четири места, а овој месец повторно со неиграње успеавме да не потонеме и ја задржавме 98-та позиција на ФИФА ранг листата.

Во периодот помеѓу објавувањето на двете ранг листи, низ светот не се одиграа многу меѓународни натпревари, па Македонија останува на 98-та позиција на ФИФА ранг листата.

Со 342 поени, фудбалската репрезентација на Македонија заостанува со пет поени зад Виетнам на 97-та и има еден поен повеќе од Гвајан на 99-та позиција.

Колку за утеха, само две места над нас е нашиот источен сосед Бугариј, а подобар ранкинг од нас имаат Грузија, Бахреин, Уганда, Оман и Конго.

Зад нас ги оставивме Антигва и Барбуда, Северна Ирска, Малави, Екваторска Гвинеја, Зимбабве, Руанда, Мозамбик, Боцвана...

Сите конкуренти од квалификациската група А за Светското првенство 2014-та година имаат далеку подобар пласман од нашата репрезентација. Најдобар рејтинг има Хрватска на осмото место, следува Србија на 32-та, Велс на 41-та, Белгија е на 44-та и Шкотска на 48-та позиција.

На врвот на листата останува Шпанија пред Германија, Уругвај, Холандија и Португалија, а помеѓу најдобрите 10 се и Бразил, Англија, Хрватска, Аргентина и Данска.