За време на паузата на репрезентативните настапи, нашиот национален тим се спушти од 101-ва на 104-та позиција на најновото рангирање на ФИФА. Од нашите противници во квалификациската група за ЕП 2016-та под нас и натаму е само Луксембург кој е на 129-место.
Селекциите на Шпанија и Словачка паднаа по една позиција и сега се на 10-то и 22-ро место, Украина е 27-ма, а репрезентацијата на Белорусија која е наш следен противник на Филип Втори на 27 март, назадуваше три позиции и е на 101 позиција.
Најголемите промени се случуваа со африканските земји, поради одржувањето на Купот на нации на овој континент. Шампионот, Брегот на Слонова Коска одбележа скок од 8 места и сега е 20-та селекција во светот, финалистот Гана рипна 12 позиции и е 25-та, а најголем напредок има полуфиналистот Екваторијална Гвинеја која скокна 69 позиции и од 118-та стигна до 49-та позиција.
Во топ 10 листата се Германија, Аргентина, Колумбија, Белгија, Холандија, Бразил, Португалија, Франција, Уругвај и Шпанија.