- Зошто те викаат Тупан?
Прекарот е од татко ми. На времето кога играл фудбал во Ѓорче Петров секој гол го прославувал со качување на тапанот, односно на скопски сленг тупан и потоа тој прекар се пренесе на брат ми и на мене и ни остана фамилијарно.
- Зошто баш Азербејџан и како се случи да заминеш таму?
Се играше пријателски натпревар помеѓу Азербејџан и Македонија во Австрија. По мечот дојдоа скаутите на Нефчи кои беа заинтересирани за мене и ме прашаа дали сакам да продолжам кај нив. За фудбалот во Азербејџан научив најмногу од Ѓоко Хаџиевски, човекот кој ми ги отвори вратите таму за што многу сум му благодарен. Ми помогна, ми објасни многу работи и мислам дека не погрешив, веќе петта година ќе бидам во Азербејџан, премногу сум задоволен, па дури мислам дека требаше и порано да заминам. Фудбалот таму оди напред, а доаѓаат и многу фудбалски легенди како и многу тренери како што е легендата на Арсенал, Тони Адамс, нашиот Хаџиевски, Грузиецот Скададзе, Јурис Семин, поранешен тренер на Динамо Киев и Локомотив Москва. За нас е предизвик да се докажуваме покрај такви фудбалски великани.
- Кога им кажа од каде доаѓаш, што ти рекоа и што знаат за нас?
Знаат дека се работи за бивша југословенска република, знаат дека тука има големи спортски таленти и неслучајно ангажираат играчи од наше подрачје. Талентот кај нас е навистина голем, но ни недостасува повеќе професионализам и услови и затоа не можеме повеќе да го истакнеме.
- Каков ти е животот таму?
Животот е добар. Азербејџанците се малку потемпераментни од нас. Јас мислев дека се позатворени, но не е така, сега се отвораат вратите и за странски инвеститори. Има многу работи исти како кај нас, доста се модерни, има многу кафулиња, ресторани со таа разлика што ресторани се на 35 или 40 спрат од каде имаш поглед на цел Баку. Горе доле начинот на живот е ист како кај нас, нема голема разлика.
- Македонштината во Баку се состои од Славчо, кондиционен тренер ви е Иван-Карас, до скоро колега ви беше Илчо, а во Нефчи игра Игор Митревски.
Потоа и Дејан Блажевски, Никола Глигоров, Един Нурединовски, Муарем Зекир...Не има едно десетина во цел Азербејџан, а тоа е убаво затоа што никогаш не се чувствувам како да сум сам или како да сум во Азербејџан. Сите заедно одиме на кафе, во ресторани.
- Кое ви е збирното место?
Има едно место кое се вика Расторан Балкан. Таму се собираме сите од балканските простори и имаме традиција на 2-3 дена пред натпревар да испиеме по едно пиво со Карас, потоа со еден од помошниците кој е Србин и со еден играч кој е од Хрватска. Одиме во англиски пабови, таму гледаме фудбал, а и рагби манифестации. Дружбата е одлична, не можеме да се пожалиме, но обврските не го дозволуваат тоа секој ден, па ја користиме секоја прилика кога сме слободни за да се собереме и да се релаксираме.
- Колку внимаваш на исхрана и алкохол, затоа што спомена на пиво дека одите?
Пивото е дозволено да се пие, после натпревар пиеме по едно пиво затоа што сите знаеме дека е добро за рехабилитација и го има тој витамин кој ни помага да се опуштиме. Со исхраната нормално дека се внимава, затоа што има казни за вишок килограми.
- Пред секој натпревар ли ве мерат?
Да и тоа не само пред натпревар, туку во текот на неделата не мерат по два пати и секој си ја знае килажата. Мора да се внимава на професионализмот, вишокот на килограми може да доведе до повреда, исто како и непрофесионалниот живот и исхрана, потоа може поретко да играш, да го загубиш првотимскиот статус и на крај да останеш и без договорот. Секој си одговара сам за себе и никој не те тера ништо со сила.
- Зошто те нема на Фејсбук?
Не користам Фејсбук и не ме интересира. Повеќе сакам вака да седнам во град, да се прошетам и да разговарам со луѓе отколку да се затворам дома и да седнам пред компјутер. Според мене Фејсбукот не е некоја работа која може да го развие човекот. Споделуваат слики, но и тие се приватна работа и се за некоја своја лична потреба. Што се однесува до комуникацијата преку чат, не ја сакам затоа што ми е подраго да седнам со луѓето да се видам, отколку да седам пред компјутер, да куцам, да ме болат очи, да се искривам целиот. Само прстите така работат, а мускулите може да атрофираат.
- Како комуницираш тогаш со фановите?
Кога шетам низ град ќе седнам со некој на кафе, ќе го поздравам, јас не правам разлика меѓу фанови и спортисти, сите ние сме луѓе и можеме да седнеме да поразговараме на било која тема.
- Киснат ли во кладилница Азербејџанците и дали ти пополнуваш тикети?
Јас не сум многу по кладилниците, ниту ме бива, ниту имам желба да играм. Некој ќе каже спортска среќа, некој знаење, некој го интересира, некој не, меѓутоа мене многу повеќе ме интересира да го гледам фудбалот и да научам нешто од него. Утре може ќе работам како тренер и затоа не го гледам фудбалот за заработка преку кладилници. Инаку луѓето се кладат, но не можам точно да кажам колку, затоа што не одам.
- Фамилијата со тебе патува?
Доаѓаат, но мојата сопруга работи во Македонија и не сака да ја напушти својата работа, што е нормално, а јас сум и благодарен што не се потпира само на мене, туку сака и таа да придонесе за домашниот буџет. За мене е најважно децата да растат во Скопје, во својата градинка со своите другарчиња, затоа што тоа се шокови да ги носам во Азербејџан, па во Кореја или каде и да сум и постојано да им менувам градинки и пријатели. Мислам дека за нивниот развој најдобро е тие да се тука, затоа што нашето образование е едно од подобрите, иако исто така има странски школи и факултети и во Азербејџан.
- Претходно беше многу по на исток, во Кина и Кореја, зошто се врати толку брзо?
И во двете земји играв како позајмен играч, сакаа да ме откупат, но клубовите не постигнаа договор и затоа не направив трансфер. За тоа одлучуваат раководствата на клубовите, ние сме само сервис на клубот. Јас можам да посакам трансфер, но клубот е тој што решава. По завршувањето на договорот со Славија, потпишав во Азербејџан како самостоен играч.
- Како ти беше таму?
Во Кина ми беше тешко и не можев никако да се навикнам, а во Кореја да ми понудеа да останам 10 години, ќе останев. Бев презадоволен од условите, атмосферата, такво ниво до сега не сум сретнал. Многу ме фасцинираше организацијата во федерацијата, потоа тренинг базите, стадионите кои беа изградени за Светското првенство. Не сум бил во западните земји, но многу често правам компарација и можам да кажам дека по најсилните 5-6 светски лиги, следуваат Јапонците и Корејците во однос на организацијата, условите и начинот на работа.
- Каде би сакал да ја дочекаш пензијата?
Дефинитивно наредната сезона ќе ми биде последна како фудбалер. Имав и некои разговори со Вардар, сакав многу во Вардар, нема кој не го сака Вардар во Скопје, но не се случи нешто конкретно. Многу сум им благодарен на раководните луѓе на Интер Баку затоа што ми понудија да останам и реагираа побрзо. Не се работи само за финансиската ситуација, туку се работи за голем почит кон клубот. На тие луѓе не можеш да им кажеш не, затоа ќе останам кај нив и таму ќе ја завршам кариерата. Голема благодарност до претседателот Георги Николов, до главниот спонзор и до нашиот тренер, човекот кој многу ми помогна, исто како што ми помогна и Хаџиевски кога бев во Вардар. Тренерот на Интер Баку дури ми даде и предлог да останам и да му бидам помошник, бидејќи тој смета дека имам квалитети да им го пренесам знаењето на фудбалерите.