Неверојатната бразилска селекција пред 15 години со прекрасен фудбал го освои Светското првенство одржано во Јапонија и Јужна Кореа. Во финалето Бразил ја совлада Германија со 2:0 и стигна до рекордното петто злато на Мундијалите.
Заедно со Роналдо тогаш играа уште неколку ѕвезди на светскиот фудбал на кои ќе се потсетиме:
Роке Жуниор (40 години)
Стоперот на 19 години потпишал со Палмеирас и брзо станал државен шампион. После пет години стигна во Милан како репрезентативец на Бразил. После финалето на Мундијалот се повреди и го загуби местото во составот на „Росонерите“ но одигра цел час во финалето на ЛШ против Јувентус на „Олд Трафорд“.
Патот го однесе во Лидс кој почна да тоне, а потоа се пресели во Баер Леверкузен каде го замену Лусио. Во 2010-та ја заврши кариерата а минатата пролет почна да работи како тренер на младинците на Лацио.
Едмилсон (40)
Вториот дефанзивец стана главна ѕвезда на Сао Паоло на крајот од ’90-те години. Во летото 2000-та дебитирал за репрезентацијата а само две недели подоцна премина во Лион каде играше со сонародникот Касапа. Бразилската врска во тимот Едмилсон-Жунињо беше клучна за страшната доминација на Лион во Франција. Едмилсон подоцна се пресели во Барселона каде играше важна ролја во тимот на Франк Рајкард во одбраната.
По заминувањето на Холанѓанецот и Едмилсон го напушти „Камп Ноу“. Денес коментира фудбал во татковината.
Лусио (38)
Еднаш Жозе Мурињо изјавил: „Ако почне војна, прв на којшто ќе му заѕвонам ќе биде Лусио“.
Снажниот стопер на „селесао“ во 2000-та беше светска ѕвезда со Баер Леверкузен и најзаслужен што „аспиринџиите“ стигнаа до финалето на Лигата на шампионите. Како и многу соиграчи од времето премина во Баерн Минхен со кој три пати ја освојуваше Бундеслигата но не и ЛШ.
Конечно сонот го исполни во Интер кога „нераѕурите“ го скршија Баерн во финалето на ЛШ. Во 2011-та Лусио ја заврши репрезентативната кариера со 105 настапи. Денес игра фудбал во Индија.
Жилберто Силва (40)
Играчот за врска меѓу одбраната и средниот ред го викаа „Непробојната карпа“. На СП 2002 дојде со статус резерва, но благодарение на повредата на капитенот Емерсон доби шанса од Сколари. Веднаш по Мундијалот потпиша со Арсенал и уште на дебито во Суперкупот го даде победничкиот гол против Ливерпул.
Беше автор и на најбрзиот гол во ЛШ (20,7 секунди). По заминувањето на Патрик Виера стана капитен на „топџиите“. Денес е директор во грчкиот Панатинаикос за кого играше цели три години.
Маркос (43)
Икона на Палмеирас, голман кој целиот свој живот го посвети на родниот клуб од Сао Паоло. На 19 години дебитирал за првиот тим а во 1999-та со Палмеирас ја освоил Копа Либертадорес и станал прв голман на репрезентацијата. Конкуренти му беа Дида и Рожерио Сени, а на СП 2002 го смени Тафарел на голот на „селесао“.
По освојувањето на историската петта титула Светски првак Арсенал му нудел солидна плата но тој одбил и решил да остане во Палмеирас со кого играл и во втората бразилска Серија Б. Денес работи како скаут на клубот.
Кафу (46)
Капитен на легендарната селекција наречен „Пендолино (познат брз воз во Бразил). Еден од најдобрите бекови во историјата на фудбалот. Кафу стана светски шампион во 1994-та и беше прогласен за најдобар играч на континентот. Со Рома го освои последното Скудето а најубав дел од кариерата помина во Милан. „Во него има две срца“, изјави еднаш за Кафу Сер Алекс Феругсон.
Брзиот десен бек во 2008-ма го одигра последниот меч. Денес е редовен гостин на фудбалските церемонии на ФИФА и УЕФА.
Роналдињо (36)
Бразилец поради кој милиони луѓе го засакаа фудбалот уште повеќе. Со неговиот фристајл беше главно откритие на СП 2002. Голот на Гаучо против Англија на Дејвид Симан беше прогласен за најубав на првенството.
Во 2003-та Барселона го купи Рони а за него претседателот Сандро Росел се скарал дури и со Јохан Кројф. Роналдињо ја освојуваше и „Златната топка“. Негов последен клуб во кариерата беше Флуминенсе. Сега е амбасадор на Барселона и херој на мобилните видеоигри.
Роналдо (40)
Феноменот беше најзаслужен за петтата титула Светски првак на Бразил. Му даде два гола на Оливер Кан во финалето на Мундијалот. „Забестиот“ играше и за Барса и за Реал, и за Интер и за Милан но секаде го почитуваа како фудбалски гениј. Кариерата му ја одбележаа тешките повреди на коленото. Лекарите на Милан му откриле дефицит на хормони и поради тоа мораше да ја заврши кариерата.
Денес е амбасадор на Реал во Јужна Америка и советник на претседателот Перез а официјално лице е и на многу брендови.
Жунињо Паулиста (43)
Беше познат по прекарот „Малиот“ (поради растот од 165 см), но важеше за најголемиот играч во историјата на Мидлзборо. Играше како полушпиц, а неговиот талент во детството прв го приметил легендарниот Теле Сантана во Сао Пауло со кого го освој Купот Либертадорес.
Во средината на ’90-те го сакаа многу екипи но тој го одбра скромниот Мидлзборо и стана првиот Бразилец кој играл во новата Премиер лига. Жунињо го освои Лига Купот во 2004-та и Светското 2002. Денес е еден од сопствениците на клубот Итуано од Сао Пауло.
Роберто Карлос (43)
Идол на целиот Дагестан каде игра Анжи. Беше еден од фудбалерите со најсилен удар во историјата, татко на дури осум деца. Во 1993-та година Роберто дошол во Русија на спонзорски турнир организиран од Динамо Москва, но Русите не го забележале неговиот талент. Во 1995. година стигна во Интер каде Рој Хоџсон го играше како лево крило. После една година за 6 милиони евра (тогашни повеќе марки) Бразилецот стигна во Реал Мадрид.
На „Бернабеу“ одигра 11 години. До 2015. година беше тренер на индискиот Делхи Дајнамос а денес е скаут на Реал Мадрид.
Ривалдо (40)
Напаѓачот стигна во Европа на 24 години кога од Палмеирас потпиша со Депортиво Ла Коруња. Во првата сезона одигра 21 меч после што го купи Барселона. Таму стана сопственик на „Златната топка“.
На Мундијалот 2002-ра играше фантастичен фудбал, но ќе остане запаметена неговата глума против Турција. Конфликтот со Ван Гал го натера да оди во Милан каде ја освои Лигата на шампионите. Во 2015-та ја возобнови кариерата во Можи Мирин, клуб чијшто претседател е веќе неколку години.
Луис Фелипе Сколари (68)
Еден од најдобрите тренери во историјата на бразилскиот фудбал. Го викаа „наредник“. Сколари играчката кариера ја минал во скромни тимови, играл во одбраната а тренерската кариера ја почнал во 1982. година кога го водел тимот ССА и го освоил државното првенство на Алагоас.
Во средината на ’90-те се прославил со Гремио со кој ја освоил Копа Либертадорес. Последниот успех го повторил со Палмеирас каде се сретнал со голманот Маркос.
На Светското 2002 Бразил играше со тројца стопери а офанзивни бекови беа Кафу и Роберто Карлос. Младиот Роналдињо беше зад тандемот Роналдо-Ривалдо. Блиску до уникатен успех да освои и ЕП после Мундијалот имаше во 2004-та како селектор на Португалија но загуби во финалето од Грција.
Во Челси Бразилецот планираше да го замени Дидие Дрогба со Адриано, но не успеа. Потоа беше тренер во узбекистанскиот Бунедкер, па се врати како селектор на Бразил и го доживеа најголемиот дебакл во историјата 1-7 од Германија. Од 2015-та ја покори Кина со Гвангжу Евергранд.