Крајот на репрезентативната недела беше идеален со многу голови: На пример Данска во 84’ минута од мечот против Швајцарија имаше негатива од 3:0 и за селекцијата која минатото лето играше во 1/8 финале на Светско првенство против Хрватска (1:1, пораз на пенали), а минатата есен ја освои групата во Лига на нации и се искачи во повисок ранг, тоа беше невообичаено.
Овој меч со Швајцарија беше прв за Данска во квалификациите за Евро 2020, а минатата недела Данците не можеа да го победат Косово во пријателски меч (2:2) и добија критики од домашните медиуми.
Прво ги критикуваа за безидејност, за немање иницијатива и желба. Ако претходно данската одбрана беше тврда, овојпат покажа многу недостатоци и прими 5 гола на 2 меча.
После голот на швајцарскиот шпиц Емболо во 76’ минута семафорот покажуваше 3:0 и сите беа помирени дека мечот е решен. А што се случи понатаму е уште понеобјасниво: За девет (9) минути Данска постигна ТРИ гола и се спаси!
Одиме по ред:
84’ минута. Во шеснаесетникот на Швајцарија гужва, Ериксен изведува слободен удар, а Матиас Јоргенсен со глава намалува на 3:1.
88’ минута. Швајцарија пробува да направи искусна офсајд стапица, но ја промашува. Кристијан Гјиткер, центарфор кој влезе од клупата и кој никогаш не дал гол за репрезентација претходно, мирно ја стави топката во празниот гол по една одлична асистенција:
93’ минута. Страшна паника во шеснаесетникот на Швајцарија. По една нафрлена топка од страна, стоперот на Данска Хенрик Далсгор највисок во скокот со ривалските стопери и голманот и дава гол во празната мрежа за неверојатни 3:3!
„Ова е лудост. Одигравме лош натпревар но се враќаме со бод. Тоа е одлика на големите екипи - не губат ниту во лош ден“, рекол најдобриот играч на Данска Јусуф Полсен кој додал: „Понекогаш просто не можеш да играш на 100% од можностите. Одамна не бевме собрани заедно, кратко трениравме и сами видовте како изгледавме. Но некогаш е потребно да се надминеш себе и покажеш карактер. Тоа што го сторивме во последните десет минути е фантастика. Верувавме до самиот крај“.
Селекторот на Данска, Оге Харејде (65) после чудесниот кам-бек рекол: „Не критикуваа за неинтересни натпревари со резултат 0:0, а сега одигравме 3:3“.
Харејде е легенда на скандинавскиот фудбал. Тој е единствен тренер кој ги освоил сите три скандинавски првенства (Шведска, Норвешка и Данска). Селектор на Данска е од 2015-та година.
„Во фудбалот ти за час можеш да паднеш од небесата на дното. Токму затоа јас уште работам. Тоа е уникална смеса на чувства. Освоивме еден бод, а Швајцарија изгуби два“, рекол Харејде.