Лошите математики на Манчестер Сити

Мануел Пелегрини беше критикуван затоа што не знаел дека на неговиот тим му недостига уште еден гол за првата позиција во групата, но ова не е прв пат Манчестер Сити да прави слични грешки. Во 1996-та година тие дури и испаднаа од Премиер лигата заради погрешна математика.

Баерн Минхен и Манчестер Сити се пласираа во следната фаза од Лигата на шампионите со по 15 освоени поени во групата Д. Во последното коло Манчестер Сити го совлада Баерн на гостувањето во Минхен со 2:3, но заради подобра гол разлика Германците останаа на првата позиција.

Само уште еден гол му требаше на Манчестер Сити за да ја освои првата позиција во групата и во следната фаза, но по натпреварот тренерот Мануел Пелегрини изјави дека тој не ја знаел таа информација.

Ова не е прв пат Манчестер Сити да ја згреши математиката, а во 1996-та година нивните лоши пресметки ги чинеа и испаѓање од Премиер лигата.

Во последното коло тие се сретнаа со третопласираниот Ливерпул и откако губеа со 0:2, во 78-та минута од натпреварот стигнаа до израмнување.

Некој на стадионот во тој момент ја пренесе информацијата дека Саутемптон примил гол од Вимблдон и со тие резултати во понизок ранг се сели екипата на Саутемптон.

И наместо Манчестер Сити да продолжи да напаѓа за да постигне уште еден гол за победа и сигурен опстанок, тие решија да се бранат и да го чуваат резултатот.

Но информацијата за голот на Вимблдон беше погрешна, а точниот резултат од Саутемптон на стадионот во Манчестер пристигна предоцна. Тој натпревар заврши без голови и со тој резултат на Манчестер Сити му требаше победа за обезбедување на опстанок, но времето истече и тие веќе немаа време да напаѓаат за уште еден гол. Лошата математика беше фатална за Манчестер Сити и тие се преселија во понизок ранг.

12 декември 2013 - 13:29